800.000 француски тинејџери кои во моментов имаат 18 години ќе можат да посетуваат културни настани со билети во вкупна вредност од 300 евра, а за таа цел единственото што ќе треба да направат е да симнат соодветна апликација и да се регистрираат.
Пропусницата сепак нема да важи само за настани, туку и за купување книги, материјали за сликање, курсеви по танци, инструменти или за онлајн претплата на одредено списание.
Иако не се рекламира како таква, оваа кампања е веројатно дел од стратегијата на државата во контекст на отварањето на културните институции по пандемијата, кое во Франција се случи оваа недела. Капацитетот во публиката додуша се уште е ограничен на 35%.
Пропусницата беше дел од ветувањата на Макрон во претседателската кампања од 2017, а соопштението за истото тој го направи преку ТикТок и Инстаграм видеа.
Парите исто така ќе можат да се искористат за претплата на дигитални платформи, но само ако се француски. Тоа нема да може да се прави на Нетфликс, Амазон и Дизни+, за музика ниту на Спотифај, но ќе може на Дизер.
Секако, веднаш имаше и реакции, особено од оние кои годинава наполниле 19, и со тоа се дисквалификуваат од ваквата привилегија.