Речиси цела деценија група составена од четворица уметници и еден етнолог патува низ повеќе земји во светот со нивната мобилна „Кабина на вистината“ (Truth Boot), која е всушност нешто како скулптура на дување во која се сместува мало студио. До сега имаат регистрирано илјадници одговори на навидум едноставно прашање - „Вистината е...?“
Она што го откриле, и што е за очекување, е дека вистината може да биде разни нешта, за различни луѓе. Понекогаш таа има врска со политика, или со слобода на говор, но и навидум многу побанални нешта, како изјавата на едно дете во видеата дека цените во продавниците се многу високи, или на некој дечко чија единствена вистина е дека си ја сака девојката.
Двоминутните видеа од изјавите се качени на Јутјуб, а подеталниот опис на проектот може да се види на официјалниот сајт insearchofthetruth.net. Во моментов па до 23 јуни групата е во Вашингтон, паркирана кај музејот Хиршхорн, каде ги канат локалците и посетителите да ги споделат нивните приказни. Всушност, кабината се вклопува во тековната изложба во спомнатиот музеј, „Манифест: уметност и активизам“, која истражува како уметниците се ангажирале околу политички и социјални прашања низ историјата. Како дел од неа Коз колектив ќе го презентира и документарецот за неодамнешната тура низ Мексико.
Проектот почнал во 2008 како видео инсталација, но набргу неговиот потенцијал станал очигледен. Кабината во која луѓето зборуваат е празна, тие се во неа сами, како на исповед, и се гледаат себеси на екран. Тој така станува виртуелно огледало, како човек да си зборува самиот со себе. Сепак некои вистини се повторуваат, без оглед дали доаѓаат од Австралија, Авганистан или од Америка.
Едно од пооригиналните изјави е оваа, на девојка која скоро две минути молчи, како симбол на тоа дека вистината е неизговорлива.