Што бара јапонска манга на протестите во Грција?

Не е прв пат земјоделците во Грција да протестираат, да поставуваат блокади по патиштата и да ги затвораат дури и меѓународните граници. Овој пат нештата како да ескалираат, и изгледа дека оние кои го планираа традиционално новогодишно пазарување во Солун истото да го одложат, на неодредено. Покрај истурањето млеко и фрлањето слама по патиштата, земјоделците користат и еден необичен детал, знаме со лик од јапонска манга. 

На тековните протести на земјоделците во Грција (на кои на моменти им се придружуваат и други професии, на пример погребални претпријатија) се појави знамето со череп и сламена капа – симбол од мангата One Piece. Создадена од Ajчиро Ода, таа зборува за слободата, пријателството и отпорот кон тиранијата, раскажана преку голема пиратска авантура на главниот лик, Мoнки Д. Луфи. Момчето е во потрага по легендарно богатство наречено „Едно парче“ кое би му овозможило да стане крал на пиратите. За да го оствари ова, тој броди низ огромен и опасен свет, формирајќи друштво познато како „Пиратите со сламените шапки“. 

Иако ова делува како нешто за деца, мангата се занимава со сериозни теми како опресија (колонијализам, ропство), правда, идентитет и маргинализација. Океанскиот свет е имено поделен со Големата линија, раководен од моќна глобална власт (Светската влада), а пиратите, револуционерите и граѓаните се судираат со сложен политички систем. Токму затоа, черепот со слама стана симбол на протестите на тн. Генерација З (родени при крајот на 1990-тите), од Индонезија, Непал, Мадагаскар, Мароко, Франција, па сега и Грција. 

Но за популарноста на оваа манга во оваа земја има и посебна причина. Голем фан на стрипот е 27-годишниот скокач во далечина Милтос Тентоглу, еден од најголемите спортисти во историјата на Грција, кој во 2021 на Олимписките игри во Токио прв пат ја направи познатата поза на Луфи која овозможува поголема брзина. Во 2023, на светското првенство во атлетика го повтори трибјутот (што беше поздравено од авторот). Ваквата јавна поддршка ја има запечатено популарноста на „Уан пис“ во Грција. 

Така, истовремено додека по патиштата во Грција се истураат млеко, пченка и слама, над главите на земјоделците и сточарите се вее и знамето на One Piece. Черепот со сламената капа на црна позадина стигна и тука, отворајќи го прашањето што всушност е One Piece и како атлетичарот Милтос Тентоглу го внесе во секојдневието на својата земја.

9 декември 2025 - 09:33