фото: EpaImages
Нов филм во режија на Шон Пен, кој сè уште нема официјален наслов, е опишан како „неочекувана приказна за пријателство“, а според достапните информации, во центарот на дејството ќе биде полицаец кој се соочува со драматичните случувања за време на нападот врз Капитол од 6 јануари 2021. Иако деталите за приказната засега не се откриваат, потврдено е дека ликот е инспириран од вистинска личност.
Пен и претходно покажуваше интерес за овие настани. Во 2022 година тој присуствуваше на сослушувањата на специјалната комисија на Претставничкиот дом која го истражуваше нападот. Тогаш седеше покрај полицајците Мајкл Фаноне и Даниел Хоџес, кои биле меѓу припадниците на безбедносните сили што се обиделе да го запрат насилството.
Фаноне сведочеше дека бил нападнат, тепан и изложен на електрошокови додека толпата го нарекувала предавник. Повредите што ги добил довеле и до срцев удар. Хоџес, исто така, зборуваше за своето тешко искуство за време на нападот. Пен тогаш изјави дека присуствува на сослушувањата како „обичен граѓанин“, заинтересиран да види дали правдата ќе биде задоволена.
Според медиумските информации, во тек се разговори актерот Бредли Купер да се приклучи на актерската екипа, иако договор сè уште не е постигнат.
Најавата за филмот доаѓа во период кога се финализира големата корпоративна трансакција со која медиумскиот гигант Ворнер брос Дискавери треба да премине под контрола на компанијата Парамаунт Скајденс. Договорот, вреден околу 95 милијарди евра, треба да го стави филмското студио под раководство на Дејвид Елисон, извршен директор на Парамаунт и син на основачот на компанијата Оракл, Лери Елисон. Семејството Елисон е познато по блиските врски со американскиот претседател Доналд Трамп.