Во 1970-та, кога компјутерите сè уште зафаќале цели простории, а интернетот бил далечна технолошка фантазија, американскиот писател и футурист Алвин Тофлер објавил книга чија основна теза била едноставна, но вознемирувачка: човештвото се менува толку брзо што луѓето сè потешко успеваат да се приспособат на промените. Тофлер визионерски ја нарекол оваа состојба „шок на иднината“ – стресот и дезориентацијата што настануваат кога премногу новини ќе нè затекнат за премногу кратко време. Не станува збор само за технолошки пронајдоци, туку и за промените во работата, семејството, односите, начинот на живеење и во самото чувство за времето.
„Шок на иднината“, која брзо станала меѓународен бестселер, зборувала за општество во кое трајноста отстапува пред привременоста, а информациите и новите искуства пристигнуваат побрзо отколку што можеме да ги обработиме.
Повеќе од половина век подоцна, оваа книга добива дополнително значење кога ќе се поврзе со биографијата на Хуан Аткинс, музичарот кој почина на 1 ноември 2026 на 64-годишна возраст, и кој со право се смета за еден од основачите на детроитското техно. Во интервју за списанието „Вајрд“ од 1994, тој открил дека токму оваа била една од книгите која го формирала како тинејџер.
Аткинс израснал во Детроит, град кој во втората половина на 20 век бил симбол на индустриската моќ, но и на нејзиното пропаѓање. Автомобилската индустрија, фабриките и работничката култура го обликувале градот, а потоа почнале да исчезнуваат или да се менуваат под притисокот на економските и технолошките трансформации. Во таква средина, иднината не била апстрактна идеја: можела да се слушне во машините, да се види во напуштените индустриски простори и да се почувствува во животите на луѓето. Аткинс, заедно со Ричард Дејвис, го формирал дуото „Киботрон“ (Cybotron), а подоцна, како „Модел 500“ (Model 500), развил звук во кој се спојуваат електронските инструменти, фанкот, научната фантастика и визијата за еден поинаков свет.
Во „Шок на иднината“ Тофлер пишува за забрзувањето на промените, за општеството во кое производите брзо застаруваат, работните места се менуваат, луѓето стануваат сè поподвижни, а информациите се натрупуваат до степен на преоптоварување. Аткинс, пак, ја претворил таа општествена нервоза во звук. Во неговата музика машините не се само симбол на студената индустриска цивилизација, туку инструменти со кои може да се создаде нешто дотогаш непознато.
Ова е и една од разликите помеѓу книгата и музиката. Тофлер предупредувал дека човекот може да биде психолошки совладан од брзината на промените, додека Аткинс во таа брзина препознал и креативна можност. Ако идниот шок е чувството дека светот се движи побрзо отколку што можеме да го следиме, техното нуди ритам со кој барем привремено можеме да се усогласиме со тоа забрзување. Повторувањето, механичкиот пулс и прецизноста на електронските звуци создаваат поинакво искуство на времето – истовремено дисциплинирано и хипнотичко. Иднината така е нешто што го замислуваме, но и самите го обликуваме.