Од тоа дека Украинците си ги бараа назад воени делфините тренирани да бараат подводни мини од Русија, преку пајакот за кој пејачката Кеjти Мелуа откри дека со години ѝ живеел во увото, до катастрофалниот пораз на Бразил со 7-1 од Германија во полуфиналето на светското првенство...Ова се одлични подлошки од реалноста кои плачат за книжевен третман и надоградба на и онака неверојатните приказни.
Шесторица познати британски автори на овој начин обработија исто толку теми, ставајќи ги во фиктивен контекст нефиктивните стории, за кои известуваа светските медиуми. Соланж, Пипа Мидлтон, Киј Јонг-ун се некои од ликовите, кои делуваат како излезени од некакви класични книжевни дела.
Една од сториите е на Филип Хеншер, и се однесува на социјално корисната работа која Силвио Берлускони требаше да ја одработи во мај, како дел од неговата казна за затајување данок, работејќи во дом за пациенти болни од Алцхајмер. Таа е раскажана од аспект на една од пациентките, по потекло од Наполи, која спокојно ги минува деновите гледајќи во лавандата и јасминот во болничката градина мислејќи дека е на бања, дека годината е 1974 и дека името на актуелниот папа е Јован Павле. Но името на премиерот го знае, бидејќи тој - Силвио Берлускони - доаѓа секој ден во болницата, „за да слушне што мислат обичните луѓе". Еве како го опишува неговото однесување:
„Фино е што премиерот ни доаѓа на посета. Тој не чисти ако нешто се истури, но понекогаш ни ги носи рижотото или супата од зеленчук, и ги остава пред нас. Супата ми е омилена. Силвио Берлускони седнува и ме прашува дали сум спремна за одење. Понекогаш не знам што мисли со тоа, но се согласувам, па ја земам лажицата и јадам. Понекогаш Силвио Берлускони вели дека сум му омилената старица, и дека ако некогаш му снемаат таленти, ќе му бидам прва на листата. Силвио Берлускони е стар пријател на мажот ми, и тој ми зборува така, и никој од нас нема ништо против...Го прашувам дали ги гледа растенијата надвор, лавандата и јасминот. Тие мирисаат исто како во Наполи. Но Силвио Берлускони вели - не си го донела лимоновото дрво. Изненадена сум дека се сеќава дека имавме лимоново дрво на терасата дома, но има право. Се согласувам со Силвио Берлускони. Потоа тој си го облекува капутот, а голем син автомобил, кој стои пред бањата, понекогаш го носи некаде.
Ги затворам очите. Се преправам дека спијам. Љубезната госпоѓа, Русинка, е во просторијата. Не сакам да знае дека ја гледам. Не сакам да ми го фати погледот. Наскоро ќе се вратам дома, ќе заврши одморот. Убаво си поминав. Ама помина долго време. Наскоро ќе заврши."
Целата приказна, и другите од серијата тука