За време на шпанската божикна лотарија, позната како Ел Гордо (или „Дебелиот“) владата печати голем број серии ливчиња со броеви од 0-99,999 и ги дистрибуира до општините низ земјата. Едно ливче чини 200 евра, но бидејќи тоа е сума која не може секој да си ја дозволи, ливчињата се делат на десетинки па дури и на помали делчиња за оние кои сепак сакаат да учествуваат со помали суми.
Секоја година, здружението на домаќинки на селото Содето купувало куп вакви билети, а во таа 2011 година сите го носеле истиот број - 58268. Жените оделе од врата до врата низ местото за да ги продаваат, што било начин да се соберат пари за локални потреби - луѓето плаќале пет евра за да влезат во игра, но давале и дополнително евро или две за општо добро. Повеќе пари значело повеќе билети и оттаму поголем удел во потенцијалната добивка. Таа година извесна Кармен од заедницата на домаќинки купила ливчиња со спомнатиот број во износ од дури 6000 евра.
Кога нивниот број бил извлечен, жителите на Содето не можеле да се приберат од шок. Станува збор за време на тешка економска криза, кога сите се соочувале со долгови и високи сметки за наводнување на имотите. Местото поделило 120 милиони евра од целосната награда, со тоа што некои домаќинства добиле од 130.000 па до неколку милиони, во зависност од тоа колку ливчиња или делови од ливчиња имале купено.
Кога селото почнало да слави, тоа го разбудило Костис Мицотакис, режисер од Грција, кој неколку години претходно се вселил во амбар на работ на селото за да биде со својата девојка. Здружението на домаќинки едноставно не се сетило на него, и не му понудило да учествува во лотаријата. Така тој бил единствениот кој не се офајдил од ситуацијата, која им донела подобар живот на 75 домаќинства.
Тој сепак не бил разочаран или лут. „Ова е како подарок од горе, некој да ти даде вакво совршено сценарио“, изјавил тој за Њујорк Тајмс. Тогаш изјавил дека сигурно ќе прави документарец за целото искуство, што и го сторил, со филмот Cuando Toco или „Допрени од среќата“.
Денес Содето е се уште сосема обично место, само куќите се поголеми и реновирани, а голем број млади луѓе кои мислеле да се иселат решиле да останат. Девојката на Мицотакис, со која подоцна тој раскинал, учествувала во лотаријата и добила 100.000 ера со тоа што купила десетинка ливче за 20 евра.