Се работи за две кампањи, чија цел е иста: запознавање на младите со руските класици , но не со стандардното тупење колку читањето е убаво, колку си попаметен толку си поубав, а-у, туку со реално претставување на предизвиците на читањето сериозна литература. Федералната агенција за издавање и масовна комуникација на Русија, колку и овој назив да звучи бирократски, решила да фати друг пат. Да го претстави читањето како тешка и истоштувачка активност, иста како и..спортот.
Во овој спот и придружните постери славните руски писатели од минатото се спортски тренери, кои како и вистинските спортски тренери кои стремат кон успех даваат добри, но понекогаш строги совети на спортистите/читателите. И сето тоа придружено со рап песна.
Втората кампања е уште поинтересна. Се вика „Вести од класиците" и претставува преточување на познатите нарации од „Вишновата градина", „Онегин" или „Ана Каренина" во новински текстови, кои се напишани така за човек да помисли дека се случиле токму денес. Нормално сето тоа зачинето со наслови како „Скандал!", „Интриги", нешто што пали кај современиот, а богами и кај секој читател.
Откако ќе ја прочитате „веста“, постои линк кој ве носи до сижето на книжевното дело врз кое се базира. Така животот се приближува до уметноста, а богами и обратно.
Ова се само некои од кампањите на креативните Руси. Кај нас ако се сеќавате пред речиси десет години имаше една интересна на издавачката куќа Табернакул, со Тоше, Каролина и Ребека. Да читаш е кул, беше мотото, кое го поддржуваме, со фуснота - и да си кул не е лесно.