Розовите гаќички што го шокирале Вимблдон

Вимблдон е единствениот голем тениски турнир кој се уште се држи до строг кодекс на облекување - целосно бела облека. На Роланд Гарос, УС Опен и во Австралија се дозволени сите бои и дизајни. Затоа, но и не само затоа, една тенисерка во 1960-тите предизвикала скандал на теренот, со бојата на нејзината долна облека. 

Вимблдон отсекогаш бил симбол на традиција, елеганција и строг дрес-код. Белата облека е речиси свето правило на најпрестижниот тениски турнир во светот. Оваа година во ова правило успеа да најде „дупка“ јапонската тенисерка Наоми Осака, која се појави во целосно бело дизајнерско кимоно. Останите тенисери не се ни обидуваат да одат контра вимблдонските правила за „белиот спорт“.

Но, во летото 1962 година, една бразилска тенисерка успеала да предизвика вистински скандал – само затоа што под белиот фустан носела розови гаќички.

Бразилката Марија Буено, една од најголемите тениски ѕвезди на своето време, се вратила на Централниот терен по пауза поради повреда. На прв поглед изгледало дека носи сосема обичен бел фустан, во согласност со правилата на клубот. Но, кога сервирала, публиката забележала дека фустанот е поставен со розова ткаенина, а истата боја ја имала и нејзината долна облека.

Според самата Буено, низ трибините се слушнало едно „оооох“. Гледачите од едната страна веднаш сфатиле што се случува, додека оние од другата откриле дури кога се префрлила таму.  Скандалот бил толку голем што раководството на Вимблдон решило дополнително да ги заостри правилата за облекување. Од таа година натаму, било воведено правилото натпреварувачите да носат речиси целосно бела облека.

Историчарите на тенисот објаснуваат дека во тоа време Вимблдон бил исклучително конзервативна институција, управувана исклучиво од мажи кои не биле наклонети кон општествените промени од шеесеттите години. Особено внимателно се следел изгледот на тенисерките, кои многу почесто биле критикувани за својата облека отколку мажите.

Буено не била првата што предизвикала контроверзии. Уште во 1949 година, американската тенисерка Гаси Моран се појавила во модел на дизајнерот Тед Тинлинг со чипкани гаќички, што предизвикало вистински шок. Официјалните лица дури ја обвиниле дека внесува „вулгарност и грев“ во тенисот. И самиот Тинлинг бил казнет и исфрлен од организацијата на турнирот.

Ниту претходните децении не поминале без модни скандали. Француската легенда Сузан Ленглен во 1919 година ги отфрлила корсетите и долгите здолништа, појавувајќи се во пократок и помодерен фустан, додека Шпанката Лили де Алварез во 1931 година ги шокирала присутните носејќи широки панталони наместо класично здолниште.

И денес Вимблдон останува верен на својата традиција. Во 2014 година правилата дополнително се заострија и почнаа да важат и за долната облека, градниците, врвките и дури и за бојата на ѓоновите на патиките. Меѓу оние што направиле прекршок биле и Серена Вилијамс, поради розово-виолетови шорцеви, и Роџер Федерер, поради портокалови ѓонови на патиките.

Според тениските експерти, строгите правила денес не се само прашање на традиција, туку и на бренд. Вимблдон сака да го зачува имиџот на „тенис во англиска градина“, со зелените тревници, јагодите со шлаг и тенисерите облечени во беспрекорно бело.

(Врз основа на нова книга, „Ас: времињата и тенискиот стил“ од Сунита Кумар Наир)

1 јули 2026 - 13:31