Вториот роман на Ник Кејв, „Смртта на Бани Манро“, за којшто имаме напишано осврт во далечната 2009, кога и излезе, ќе биде преточен во мини-серија. Главната улога ќе ја толкува Мет Смит (Dr. Who, The Crown), кој истовремено ќе го продуцира шоуто. Станува збор за приказна за трговски патник, кој продавајќи сомнителни лосиони задоволува козметички и други потреби на жените на кои наидува. Но по самоубиството на сопругата, тој мора да се грижи за 9-годишниот син и го зема со себе на долгите патувања. Тогаш Ирвин Велш (авторот на книгата „Трејнспотинг“) напиша: „Спојте ги Кафка и Бени Хил на плажа во Брајтон и ќе ја добиете ова книга“.
Во соопштение Кејв изјавил дека е задоволен што некој собрал храброст да ја раскаже оваа необична приказна, додавајќи дека „не може да замисли подобар актер од Мет Смит за да го игра Бани“.
Возвратно, Смит ја нарече книгата „брилијантно истражување на љубовта, тагата и хаосот“. За него ова е длабока, тешка и нежна приказна за еден татко и син, кои се обидуваат да излезат на крај со загубата и промената.
Режисерка на серијата ќе биде Изабела Еклоф, шведска сценаристка и режисерка (најпозната по бизарниот филм „Граница“ на режисерот Али Абаси, Букбокс осврт тука). Премиерата би требало да се случи на пролет 2024.