Ринго, чие вистинско име е Ричард Старки, е роден во 1940. на улицата Мадрин број 9 - една од 400-те куќи во областа Дингл во Ливерпул, кои уште во 2005. требало да се срушат.
По бурните реакции на фановите на Битлси, и борбата која траела 7 години, Градскиот совет одобрил 14 милиони фунти за да обезбеди „улиците на кои пораснал Ринго Стар да бидат сочувани за иднината". Топката всушност е фрлена кон локалната заедница, која со парите треба да ги реновира спомнатите имоти и на тој начин да направи нивната цена и побарувачката за нив да пораснат.
Акцијата не само што ја одразува важноста која им се придава на Битлси и на нивната музика, туку е вистински пример како заедниците можат да се ангажираат околу една идеја - заштита и чување на она што ним им е важно, во случајов на родната куќа на Ринго, и на целото соседство.
Првиот обид да се изнајде решение за овој проблем, во 2010., завршил со тоа што Британскиот фонд за заштита на културно наследство одбил да ѝ даде статус на заштитена градба на куќата на Ринго затоа што тој таму живеел само неколку месеци, затоа што таа немала врска со подоцнежниот успех на Битлси и не била доволно „архитектонски или историски значајна". Е, ама жителите на Мадрин стрит не мислат така.