„Разроката лигња“ - морското суштество кое има очи за гледање нагоре и надолу

Се вика „разрокaта лигња“, затоа што има еволуирано така за едно, големо око, да ѝ гледа накај површината на морето, а друго, помало, да ја следи активноста на морското дно. Нешто како кога човек би имал два пара очи, едни за преку ден, други за „инфрацрвен“ поглед ноќе.

Латинското име ѝ е Histioteuthis heteropsis, а позната е и како „јагодеста“ лигња поради нејзината розева боја и точкестите фотофори (органи што произведуваат светлина кај одредени риби и други животни). На суштествата кои треба да живеат во студени и мрачни живеалишта под морето еволуцијата им доделила необични својства, од очи со големина на кошаркарски топки до додатоци кои трепкаат и светат во темница. Оваа лигња го потврдува правилото, со едно огромно и жолто око и второ помало, поставено на спротивната страна (во човечки речник, на „тилот“), така за лигњата да може паралелно да ја следи активноста на површината на морето или океанот, а со другото да може да гледа кон дното. 

Биологот Кејт Томас од Универзитетот Дјук има проучено повеќе од 150 подводни видеа од оваа таканаречена „разрока лигња“ и дошла до докази дека ваквата поставеност на очите еволуирала за симултано да се следат сенките на другите морски суштества кои пловат во горните, поплитки делови, како и за „скенирање“ на подлабоките води, особено за следење на светкањето на други видови суштества адаптирани на мракот. 

Всушност лигњата се раѓа со пар идентични очи, но едното ѝ расте многу побргу и пожолтува. Во меѓувреме другото око престанува да расте кога ќе постигне помалку од половина дијаметар на својот партнер. Така лигњата може да ги следи најдобрите и најопасните нешта од двата света, и двојно да се заштити. Жолтиот филтер на горното око служи меѓу другото за да ја детектира камуфлажата на некои за лигњата опасни суштества, кои се обидуваат да се „втопат“ со сината боја околу нив. 

Длабоките мориња се неверојатна природна лабораторија, особено кога станува збор за дизајн на органи за вид, затоа што очите што се потребни за да се забележат биолуминисцентните „колеги“-морски суштества се различни од оние потребни за да се види нормалното амбиентално светло. Во случајот на Хистиотеутис-от, или разроката лигња, проблемот е решен на неверојатен начин - со по едно око од двата вида. 

17 април 2023 - 08:37