The Overstory („Висока шума“) на Ричард Пауерс е негов дванаесети роман. Во него станува збор за девет Американци чии специфични животни искуства со дрвјата ги спојува во борбата против уништувањето на шумите. Помеѓу нив се еден ветеран од Виетнам, млад програмер-гениј и последен потомок на имигранти, кои доживуваат лични трансформации и стануваат активисти во протест против компанија за преработка на дрво.
Пауерс бил инспириран да го напише делото додека предавал на Универзитетот Станфорд, кога прв пат шетал меѓу џиновски секвои и доживеал „искуство слично на религиско“. Во септември минатата година книгата беше во тесен избор за Букеровата, а еве сега го доби Пулицерот.
Неговиот роман спаѓа во еден релативно нов жанр - климатска фикција, која ги истражува ефектите на климатските промени и човечкото влијание на земјата. Иако терминот е скован од поранешниот новинар Ден Блум, и се користи веќе цела деценија, во последниве години добива на значење со оглед на големиот број книжевни дела кои почнуваат да се занимаваат со оваа тема.
Пауер веќе еднаш беше финалист за Пулицер, со неговиот роман од 2006, The Echo Maker, за жена која се грижи за својот брат откако тој добива повреди на мозокот.