Првото работно место на Лина Вертмилер во филмскиот свет било да бара интересни ликови за Федерико Фелини. Во тоа време италијанскиот мајстор бил на врвот од својот успех, а таа била млада и амбициозна, не толку добра во својата работа но толерирана заради нејзиниот шарм.
Филмот на кој работела бил „8 и пол“, и не поминало многу време а таа си ги бутнала пријателите и сопствената мајка како статисти, кои останале овековечени во еден од најдобрите филмови на сите времиња.
До крајот на таа, 1963 година, Вертмилер веќе го имала режисерското деби со „Гуштери“, филм за тројца млади кои не знаат што со себе во тивок јужно-италијански град. Тогаш почнал нејзиниот доживотен интерес за лица, тела и дијалекти кои не биле во фокусот на италијанската мејнстрим кинематографија.
Денес таа има 90 години и наскоро ќе биде дел од фестивал во лондонски Барбикан кој ги слави заборавените а значајни филмаџии. Ќе бидат прикажани четири нејзини филмови во рамки на програма која ќе трае цел месец, заедно со биографски документарец режиран од нејзиниот асистент и протеже Валерио Руиз.
Еден од филмовите е „Седум убавици“, кој во 1977 беше номиниран за Оскар во четири категории, меѓу кои и онаа за најдобар режисер (наградата на крај отиде кај Џон Авилдсен за „Роки“). Следната жена која се појави во оваа категорија беше Џејн Кемпион, за „Пијано“, дури во 1994. Филмот е за обичен Италијанец кој дезертира од војска во текот на Втората светска војна а потоа е заробен од Германците и испратен во логор. Преку сеќавања се запознаваме со неговото семејство и седумте грди сестри, случајното убиство кое тој го врши врз богат љубовник на една од сестрите, по што завршува во лудница. Од таму пак излегува пријавувајќи се како доброволец во војска.
Уште поинтересна звучи содржината на нејзин поран филм, „Љубов и анархија“, за анархист кој се крие во јавна куќа и се заљубува во проститутка, додека се подготвува да изврши атентат врз Мусолини.
Вертмилер била позната и по долгите наслови на нејзините филмови. Така, италијанскиот за „Љубов и анархија“ гласи: Film d’amore e d’anarchia, ovvero: stamattina alle 10, in via dei Fiori, nella nota casa di tolleranza ..што самата го коментирала како зафрканција со продуцентите кои се мачеле да ги сместат насловите на постер. Нејзиното последно режирање беше операта на Верди, „Магбет“ во Салерно во 2016.