Прстен кој преведува знаковен јазик во текст

Звучи како нешто од старите научно-фантастични серии. Но станува збор за нов изум - апаратче кое може да ја подобри комуникацијата со оние кои имаат проблеми со говорот и слухот. 

Во визуелниот јазик што го користат глувите и наглувите лица за комуникација наместо говорни звуци, се користат рачни, како и невербални знаци - положба на телото, изрази на лицето и движења за пренесување на значење. Всушност станува збор за различни знаковни јазици (на пример, Американски знаковен јазик – ASL, Британски знаковен јазик – BSL, Македонски знаковен јазик – МЗЈ), со сопствена граматика и синтакса, кои се разликуваат од говорниот јазик на конкретната земја.

Оттаму, комуникацијата помеѓу оние кои го знаат говорниот јазик и оние другите може да претставува предизвик. Сега истражувачи на Универзитетот Корнел работат на надминување на ваквите пречки преку технологија која се носи на себе.

„СпелРинг“, како што се нарекува апаратчето, има вграден микрофон и звучник и е замислен да се носи на палецот. Мирофонот регистрира многу тивки звучни бранови кога носителот ги мрда рацете и прстите. Во меѓувреме, мал жирскоп исто така ги следи движењата на рацете. Алгоритам базиран на длабоко учење ги процесира овие сонарни слики и засега ги преведува во букви во реално време, како лични имиња, сопствени именки и технички термини. Со потамошниот развој се верува дека изумот, кој е прв од ваков вид, ќе изврши револуција во преводот на говорниот јазик преку континуирано следење на цели зборови и реченици кои се сигнализирани со негова помош.

Технологии за препознавање на „спелингот со прсти“ и до сега беа испробувани, но не беа прифаќани од оние со слушни и говорни проблеми бидејќи хардверот (апаратите) беа кабасти и непрактични. 

Тестирањето на СпелРинг покажало дека кога корисниците природно и продолжително означуваат со прсти повеќе од 20.000 зборови со различна должина, апаратот препознава до 92% од нив, во зависност од тежината на зборовите и „стилот“ на оние кои го користат знаковниот јазик, кои понекогаш ја извитоперуваат формата на одредена буква поради ефикасност и течност. 

27 март 2025 - 09:34