99-те досегашни скулптури од рециклирано дрво на уметникот Томас Дамбо до сега се поставувани низ неговата татковина Данска, во Белгија, Германија, САД, Пуерто Рико и Јужна Кореа. Но локацијата на последната, стотата, ќе треба да ја откријат учесниците во потрага по „скриено богатство“.
Делото се вика „Месечева мајка“ и исто како и претходните е инспирирано од скандинавскиот фолклор. Оваа бремена мајка се има скриено „на најтајното место во шумата“ за да се породи. Таа ќе може да биде пронајдена само преку следење на кодовите наведени на плочите на претходните дела и решавање на крајната загатка. Секоја од тие скулптури има име, сопствен дизајн и „карактер“, а проценката е дека до сега ги виделе повеќе од 10 милиони луѓе.
Дамбо ги создава овие статуи во последниве девет години користејќи рециклирани материјали. За Месечевата мајка на пример тој користел струготини од даб од данска компанија за изработка на подови. Додека се изработувало стотото парче до крајот на процесот тој не ја откривал точната локација на делото дури ни на најблиските соработници, а потоа тимот требало секој ден да користи различен пат за пристап за да не остави траги или да не привлече посетители. Некои од локациите на троловите на Дамбо се на непристапен терен, па материјалите морале да бидат пренесувани рачно до локацијата.