Концептот на „продуктивни закуски“ подразбира кратки активности што траат само неколку минути и можат да се изведат помеѓу другите обврски но кои долгорочно имаат кумулативен ефект.
Идејата потекнува од областа на физичката активност. Светската здравствена организација препорачува најмалку 150 минути умерено или 75 минути интензивно вежбање неделно, но многумина се откажуваат уште на почетокот бидејќи целта им изгледа недостижна. Поради тоа, спортските научници промовираат таканареченото „вежбање-закуска“ – неколкуминутни серии физичка активност распоредени во текот на денот, на пример неколку склекови по еден час седење или кратко трчање во место за време на рекламите на телевизија.
Истражувањата покажуваат дека и овие кратки активности носат значајни здравствени придобивки. Тие можат да ја подобрат физичката кондиција, да го намалат крвниот притисок и нивото на шеќер во крвта, а позитивно влијаат и врз когнитивните способности и менталното здравје. Дополнително, луѓето многу поретко се откажуваат од ваквите програми отколку од класичните режими на вежбање.
Истиот принцип може успешно да се примени и во креативната работа и учењето. Наместо да се инсистира на долги часови непрекината концентрација, понекогаш е покорисно да се работи во повеќе кратки сесии. Кај пишувањето, на пример, честото враќање на текстот му дава време на мозокот да ги обработи идеите, што често води до покреативни решенија. Во образованието, пак, кратките и временски раздвоени сесии се покажале поефикасни од долготрајното учење, бидејќи процесот на повторно присетување помага знаењето подобро да се вгради во меморијата.
Искуството покажува дека не секоја цел бара долги часови работа. Понекогаш токму неколкуте минути посветеност, повторувани од ден на ден, се доволни за постепено да се изградат нови навики и да се постигнат резултати што на почетокот изгледале недостижни.