Во 1943 англиската актерка Грир Гарсон го добила Оскарот за најдобра актерка во филмот „Мисис Минивер“, романтична воена драма режирана од Вилијам Вајл. Таа била само 15-тиот актер во историјата на Холивуд што добил Оскар. Ова само по себе било големо постигнување, но Гарсон влегла во историјата и поради нешто поневообичаено.
Нејзиниот говор при преземањето на наградата останува најдолгиот во историјата на Оскарите. Иако денешните добитници имаат само 45 секунди да си го кажаат она што го имаат (а ако претераат им пуштаат музика), Гарсон зборувала цели седум минути.
За жал тој говор не е сочуван во целост. Академијата вели дека поседува „само делови“ од обраќањето, во вкупно траење од 3 минути и 56 секунди.
Гарсон, по потекло Англичанка, посветила дел од својот говор на сопственото искуство како имигрант. „Дојдов во ваа земја како туѓинка пред пет години. Среќна сум и горда што сум член на оваа заедница и на оваа индустрија. Од сите добивам толкава љубезност што не ми се верува дека тоа е вистина, но вечерва правите да се чувствувам дека навистина ја отворивме ширум вратата на нашето пријателство“, рекла таа.
Темата била релевантна затоа што во филмот „Мисис Минивер“ Гарсон играла англиска домаќинка чиј живот е длабоко повлијаен од Втората светска војна, меѓу другото и затоа што нејзинот сопруг волонтира за да помогне во евакуацијата кај Данкирк со сопствениот моторен чамец. Ова, како што пишува и во некролозите посветени на Гарсон која почина во 1996, „ги поттикнало Американците да ја поддржат Британија во текот на Втората светска војна“.
Во продолжение на говорот таа зборува за субјективната природа на наградите и улогата на среќата. „Нема ривалство во оваа просторија вечерва. Нема натпревар. Како што Додо ѝ вели на Алиса во земјата на чудата: Секој победи и секој ќе добие награда“.
Ова ѝ бил единствениот Оскар на Гарсон која понатаму била номинирана за уште седум, сите во категоријата најдобра актерка. Една однив се однесувала на нејзината улога на Марија Кири во биографскиот филм за неа од 1943. За жал Оскарот бил уништен во пожар во нејзиниот дом во Лос Анѓелес во доцните 1980-ти. Но нејзиниот говор останал најдолг 78 години, иако се уште има можност за нов рекорд.