Приказната за синото око што чува од уроци

Од древна Месопотамија до современите сини амајлии што ги гледаме во Грција и Турција, верувањето во „злото око“ постои илјадници години. Во многу култури се смета дека зависта и љубомората можат да донесат несреќа, па затоа луѓето создале различни начини за заштита од оваа негативна сила.

Сигурно сте ја виделе познатата сино-бела амајлија во форма на око – на накит, во домови, во продавници за сувенири или како подарок за новороденче. Иако често ја нарекуваме „зло око“, всушност станува збор за заштитен амулет чија цел е да го одбие злото око и таканаречената „негативна енергија“.

Според народните верувања, злото око е клетва што може да ја предизвика човек кој со завист гледа на туѓата среќа, богатство или успех. Се верувало дека таквиот поглед може да донесе несреќа, болест, главоболки, несоница, замор, па дури и да им наштети на децата, животните, посевите или имотот. Особено ранливи на злото око, според старите верувања, биле бремените жени, малите деца и луѓето кои неодамна стекнале богатство или успех. Во некои култури се сметало дека злото око може да биде предизвикано и ненамерно, само поради нечија силна завист.

Корените на ова верување се многу стари. Во древна Месопотамија постоеле молитви и магиски формули за заштита од завидливи погледи, а во денешна Сирија се пронајдени амајлии стари повеќе од пет илјади години. И старите Египќани го познавале симболот на Окото на Хорус, кое било знак на заштита и исцелување.

И старогрчките филозофи се занимавале со оваа тема. Плутарх сметал дека негативните чувства можат да се пренесат преку погледот, додека други мислители предупредувале на опасноста од човечката завист. Спомени за злото око има и во Библијата и во Куранот, што покажува колку ова верување било широко распространето.

Речиси секоја култура развила свои начини за заштита од злото око. Најпознати се амајлиите во форма на око, кои според верувањето ја впиваат или ја враќаат негативната енергија кон оној што ја испратил (со возвратен поглед). Во Северна Африка и на Блискиот Исток широко е распространета и Хамсата, позната како „Раката на Фатима“, која исто така се смета за моќен заштитен симбол.

Но зошто окото е сино? Во античкиот Блиски Исток и Медитеранот, повеќето луѓе имале темни очи. Луѓето со сини или зелени очи биле ретки, често странци или дојденци од други краишта, па околу нив се создале суеверија. Во некои преданија токму луѓето со светли очи се сметале за оние што можат да „урочат“.

30 јуни 2026 - 18:10