Денес е 14. јули 1089, а градот Ерусалим, во кој живеат и Евреи и муслимани, утре ќе биде нападнат од христијани. Сите ние сме исплашени и сме се собрале на плоштадот. Но внимавајте! Еден ќелав Бразилец со фино поткастрена брада се симнува од облак.
Еден човек му се обраќа: „Зборувај ни за поразот". И Бразилецот одговара: „Поразот не е толку лош, затоа што сè е дел од Божествената енергија. Сети се на Кругот на животот. Газелата може да биде изедена од лав, но газелата јаде трева. Тоа е Божјиот пат."
Еден друг човек го прашува: „Зборувај ни за тривијалностите". А Бразилецот одговара: „Ако можам да се извлечам со ова дрдорење, тогаш има надеж за сите нас. Дури и најбескорисните од вас можат да го ценат сјаењето на сонцето. Освен ако не врне. Научете да се гордеете на сите ваши достигнувања, колку и да се тие мали. Ако сте останале дома во кревет, воодушевувајте се од фактот дека не сте возеле автомобил и не сте прегазиле некој пешак".
Трет човек му се обраќа: „Зборувај ни за стравот". А Бразилецот вели: „Никој од нас не може да му избега на Непосакуваниот посетител на смртта. Така што, научете да кулирате. Планината не се плаши да остане на исто место. Човек кој има ампутирано една нога не се плаши да остане на истото место. Човек кој има една ампутирана нога не се плаши да му ја отфикарат и втората. Немаш ништо да загубиш освен твоите екстремитети. Тешкотијата е име на древна алатка која била создадена само за да ни помогне да дефинираме кои сме. Друго име за истата е длето."
Друг човек го прашува: „Зборувај ни за убавината". А Бразилецот вели: „Не им верувај на оние кои велат дека само Внатрешната убавина важи. Инаку зошто Господ би ме направил волку згоден? Грдотијата е маска која ја носат грозни луѓе кои се премногу уплашени да си дозволат себеси да ја почувствуваат Божествената енергија и да бидат сакани. Вистинската љубов е љубовта која Заведува и која никогаш нема да дозволи самата да биде Заведена".
Еден човек вели: „Ова се најголемите срања кои некогаш сум ги чул. Сигурно никој Заведен од Вистинската љубов не може да ја Искуси Вистинската љубов?" А Бразилецот го погледнува со презир пред да одговори: „Останатото е тишина. Штурец."
Една жена го моли: „Зборувај ни за сексот". А Бразилецот вели: „Тоа е кога две реки се среќаваат за да станат поубави, помоќни реки. А ако се уште не сум јасен, прати ми мејл на drzimigostapov@gmail.com"
Друг човек го прашува: „Зошто некои луѓе се поети а некои работници?" А Бразилецот вели: „Еден ден ќе дојде човек кој ќе напише, 'Затвори ги очите но не спиј/Затоа што ќе те однесам во Најдлабокото длабоко' И тој човек ќе бидам јас. Не се казнувај себеси за тоа што си глуп. Затоа што да беше бистар, немаше да ја купиш оваа книга и јас не ќе бев полн ко брод."
Друг човек го прашува: „Кажи ни што носи иднината". А Бразилецот вели: „Несаканиот посетител може да дојде секој момент. Така што секогаш носете чиста долна облека и земете предвид дека еден човек отиде да коси, да коси ливада. Слушајте го ветерот, но не го заборавајте вашиот коњ. Или вашата косилка. Исто така мислете на полицата која паѓа и крши куп насликани вазни. Но не прашувајте зошто. Не се плашете од неуспех. Секој ден е нов почеток, па сметајте го како да ви е последен".
Во тој момент рабинот, имамот и свештеникот извикаа „добра идеја" и се убија самите себеси наместо меѓусебно, пред последниот човек да рече: „Зборувај ни за чуда". А Бразилецот рече: „Успеавте да стигнете до крајот на книгата".