Во античкиот град Сиедра, во близина на Анталија, археолозите откриле впечатлив мозаик стар меѓу четвртиот и шестиот век од нашата ера, со натпис на старогрчки кој гласи: О Фтонос лакесеи, во смисла на „Завидливите ќе пунат“ или поблиску до нашето „Да пукнат душманите“ (што со оглед на турцизмот и одговара на местото кадешто е пронајден мозаикот).
Додуша на Редит форумите веќе се јавуваат и верзии на истото, со дополнителни објаснувања. Имено, Фтонус или Зелус е старогрчка персонификација на љубомората и завидливоста. Тој често се посредува со божицата на хаосот и неслогата Ерис, бидејќи ги предизвикува исите последици, користејќи ја завидливоста за да поттикнува конфликти. Ова откритие предизвика голем интерес кај научниците, не само поради изработката, туку и поради изненадувачки современата порака, која додуша зборува за особини кои се универзални и во време и во простор.
Мозаикот е пронајден во рамки на археолошки истражувања што се спроведуваат под водство на турското Министерство за култура и туризам, а со нив раководи Ертуг Ергурер од Универзитетот Аладин Кејкубат. Според него, мозаикот бил дел од една од најголемите станбени градби во градот.
Се работи за исклучително добро сочувано дело со површина од околу 15 квадратни метри, украсено со геометриски и цветни мотиви. Посебно се издвојуваат двата натписа на старогрчки: едниот, сместен во центарот, може да се преведе како „со среќа“ или „со добра среќа“, додека вториот, поставен на влезот, ја носи гореспомнатата порака.
Ергурер истакнува дека е навистина необично да се сретне ваква фраза на влез од куќа стара околу 1.500 години, што зборува за нејзината долготрајна културна препознатливост. Самата градба била трикатна, со повеќе простории распоредени околу централен двор, и била користена во периодот од вториот до седмиот век, при што претрпела бројни доградби и измени од различни сопственици. Мозаикот останал во одлична состојба бидејќи со текот на времето бил покриен со нови слоеви кои го заштитиле.
извор