Постхумното отворање на пакет што Лу Рид си го испратил на самиот себе

По смртта на Рид, двајца архивисти и неговата вдовица, Лори Андерсон, откриле мистериозен запечатен пакет од 1965. Во него - богатство.

Во 2015, Дон Флеминг и Џејсон Стерн биле во Вест Вилиџ, во канцеларијата на починатиот Лу Рид, кога дошле до неверојатно откритие. Флеминг, музичар и архивист, и Стерн, кој порано работел за Рид, биле најмени од вдовицата на Рид, Лори Андерсон, за да ја каталогизираат неговата архива, која подоцна била донирана на Њујоршката јавна библиотека на изведувачки уметности.

На полица позади работната маса на Рид, среде книги посветени на Велвет Андерграунд и на музика, Флеминг заблежал нешто што личело на кутија за ЦД. Но тоа всушност бил самоадресиран пакет, од и до Луис Рид на адресата на неговите родители на Лонг Ајленд, со датум од мај 1965. Тогаш Рид имал 23 години, работел како песнописец во Пиквик рекордс и свирел на улица со својот нов пријател Џон Кејл. „Велвет и Нико“ ќе се појават две години подоцна.  

Поминало многу време пред тие да се одлучат да го отворат пакетот. Како резултат на тоа овој месец излезе албум под наслов „Зборови и музика: мај 1965“. Отворањето се случило во 2017 кога седнале со експерт за конзервација на аудио снимки, кој им ја пуштил првата песна. Се слушнал гласот на младиот Лу Рид како вели: „Мен оф гуд форчн, зборови и музика Лу Рид“. Соло албумот на Рид од 1973, „Берлин“ има песна со истиот наслов. Тоа било големо изненадување, бидејќи никој не знаел дека постои и поинаква верзија. Додека онаа на албумот е агресивна и отсечна, раната верзија има понежен пристап, со акустична гитара, која звучи како стара британска балада или народна од Гринич Вилиџ. 

Следна на касетата била „Хероин“. Верзијата што ја знае светот е седумминутна експериментална симфонија на копнеж, вознемиреност, итност и задоволство, водена од електрична виола и од хаос. Но оваа на лентата била тивок фолк. 

Можно е сета ова да се должи на влијанието кое врз Рид го имал Дилан во шеесетите. Тоа се чувствува и во дуетот со Кејл на снимката - акустична верзија на I'm Waiting for the Man.

Луксузната верзија на „Зборови и Музика“ вклучува копија од писмото кое во 1965 Рид го напишал до својот ментор, поетот Делмор Шварц, во кое тој го пишува својот живот во Њујорк: пишување песни, одбегнување промаја и средбата со Кејл „прегладнет свирач на виола“. Лори Андерсон изјавила дека целата касета прави да се смее секогаш кога ќе ја чуе, како да слуша eксцентрично дете, подготвено за авантура.

извор

22 септември 2022 - 17:21