Лори Андерсон уште во 2003 стана првиот резидентен уметник на НАСА, па неа ѝ се падна честа и прва да тргне со проект за одбележување на годишнината од стапнувањето на Месечината. Така, од септември до јануари 2019 во Музејот на модерна уметност на Луизијана таа ќе претстави нов ВР проект, под наслов „Месечината: од внатрешни светови кон вселената“.
Креиран заедно со мултимедијалниот уметник Хсин-Чиен Хуанг, овој проект ги транспортира посетителите на виртуелна месечина, од каде тие можат да ги видат соѕвездијата измислени од Андерсон, симболи на нешта кои имаат исчезнато или се под голема закана да ги снема. Меѓу нив диносауруси, поларна мечка, демократија. „Сите овие нешта за кои сметате дека се стабилни се толку кршливи, и можат да бидат загубени за само еден миг“, вели Андерсон во придружното видео кон изложбата.
Значи не се работи баш за месечината на која стапнале Армстронг и Олдрин во 1969, туку за некоја замислена, но со силна предупредувачка порака. Така, на оваа месечина луѓето го имаат исфрлено целиот радиоактивен материјал од Земјата, а и целата атмосфера е дистописка, што е во тежок контраст со оптимизмот кој владеел пред 50 години, кога стапнувањето на месечината било доживувано како „голем чекор за човештвото“. Изгледа ќе ни треба некоја нова „месечина“, чие освојување ќе направи да се чувствуваме како подобри отколку што сме како вид.
2Д видео од дел од проектот