
Археолози во Египет откриле свирче старо 3.300 години, направено од говедска коска, кое најверојатно го користела некоја форма на „полиција“ за чување на работниците што ги граделе кралските гробници. Предметот бил пронајден уште во 2008 година во рушевините на античкиот град Ахетатен (денешна Амарна), но дури сега е идентификуван како свирче. Тоа е прв ваков пример во антички Египет и дава нови сознанија за секојдневниот живот и безбедносните практики.
Свирчето било пронајдено во мала камена градба на периферијата од населбата Камено село, позната како место каде живееле работниците. Станува збор за коска од младо говедо со дупка низ целата должина. Истражувачите ја испитале со дигитална микроскопија и ја споредиле со слични предмети од светот. Направиле и реплика од современа коска, која при дување низ отворот давала силен, висок тон. Тоа ги навело на заклучок дека служела за сигнализирање, веројатно од страна на чувари.
Местоположбата е клучна за ваквото толкување – населбата била блиску до кралската некропола, која била строго обезбедувана. Дополнително, свирчето било единствениот предмет најден во зградата, што најверојатно била стражарска постојка или место за одмор на чувари.
Научниците отфрлиле други можности – не било музички инструмент бидејќи произведува само една нота, а не личело ниту на играчка или фигура поради недостиг на траги од користење.
Ова откритие укажува дека и на местата каде што живееле „обичните луѓе“ можат да се најдат значајни артефакти, не само во гробниците и храмовите. Таквите локалитети можат да откријат нови детали за секојдневието во антички Египет и да придонесат за пополнување на сликата за тоа време.
извор