„Пластика“: јапонски балет со рециклирани шишиња

Нова продукција на познатата јапонска балетска трупа К-Балет, чија цел е да привлече внимание кон глобалното загадување, преку интересна сценографија и дизајн на костими.

Футуристички костими на балетските играчи сјаат под рефлекторите на премиерата на балетска претстава, но до пред само два месеца тоа биле пластични шишиња фрлени во отпад. 

„Пластика“ е нова продукција на јапонската трука К-балет, во која сценографијата се состои од претходно користена фолија со меурчиња, четири ѕидови рециклирани шишиња и 100 проѕирни чадори кои биле оставени на различни јавни места во Токио. Премиерата се одржа неодамна во Јокохама, а освен постојаните членови на трупата гостувал и американски играч, Џулијан МекКеј. Тој изјавил дека проблемот на пластиката, за кој се зборува низ бројни уметнички форми, сепак никогаш не е третиран во современиот балет, и дека изведувачките уметности нудат одлична можност за поттикнување на гледачите да размислуваат на оваа тема. 

За подготовка на сценографијата и костимите соработувале со компанија за управување со отпад и заедно со нив копале по ѓубрето, кое додуша во Јапонија е сортирано. Во „Пластика“ се искористени повеќе од 10.000 рециклирани шишиња и друга пластика, меѓу другото и онаа во која во Јапонија се пакуваат поединечни парчиња овошје (кое е инаку прескапо ако се купува на кило). 

Клучен збор на кој сакаат да потсетат авторите на претставата е „мотанаи“, јапонски термин кој означува срам од тоа нештата залудно да се трошат и фрлат (нешто како нашето „греота“). Во минатото се верувало дека дух на одреден предмет се појавува како дух доколку кон тој предмет не е постапувано со почит или пак е фрлен без вистински да се искористи. 

 

23 јануари 2023 - 17:47