Најавувајќи го својот прв роман, гитаристот на легендарните „Ху“, Пит Таунзенд изјави дека пред 10 години одлучил да создаде едно големо дело кое би комбинирало опера, уметничка инсталација и роман. Последново сега е финализирано, додека операта и инсталацијата се следни.
Издавачот Коронет ја нарекува книгата „голем рок роман“, а нараторот „брилијантна креација - софистициран, луциден и неодговорен“. Темата е лудилото на музичкиот бизнис, а напишана е со голем смисол за хумор.
Таунзенд истовремено работи со членовите на бендот на првиот албум со нов материјал во последниве 13 години. Инаку ова не е негов прв обид во издавањето книга - во 1977 тој отвори своја издавачка куќа и книжарница „Волшебен автобус“ во Ричмонд која постои и денес под друго име. Во 1983 работел како уредник во познатата куќа Фабер и Фабер, на неколку музички книги, вклучувајќи го мемоарот на пејачот на „Енималс“, Ерик Бардон, и книгата со стихови на Брајан Ино, „Помрачно од ајкула“. Тогаш се спријателил и со поетот Тед Хјуз (добитник на Струшкиот венец) со кого соработувал на мјузикл врз основа на детската книга на овој автор, „Железниот човек“.
Претходно има објавено збирка кратки раскази, а еден роман, „Реј Хај и стакленото домаќинство“ никогаш не бил објавен. Елементи од него сепак завршиле во неговиот соло албум од 1993, Психодереликт. Новата книга се планира за ноември 2019.