Кога ќе се слушне за дебел хонорар за книга која се уште не е ни напишана, на далеку се чувствува тивкиот протест на оние кои не можат да стигнат до такви бројки, на пример до 65-те милиони долари за две книги на Мишел и Барак Обама од 2017. Но собирањето средства онлајн за истата цел до сега не предизвикуваше лутина, поради едноставната причина што сумите ни од далеку не се доближуваа до милионски износи.
Ова сега се менува, откако американскиот писател на фантастични романи, Брендон Сандерсон, на Кикстартер успеа да собере над 25 милиони долари за необјавена серија од четири книги, и уште собира, бидејќи кампањата не е завршена. Ова е највисоката сума што некогаш е постигната на ваквите кампањи, и претставува необичен предизвик, увид во тоа како публиката ги цени книгите.
Авторите од своја страна долго време се жалат околу вреќите пари и промотивни ресурси кои издавачите ги вложуваат за книги на славни личности и политичари, како и автори на комерцијална проза. Сега истите тие ги ставаат под знак прашање потребите на Сандерсон, кој е исто така комерцијално успешен, да собира пари и тоа во толкав износ. Негова колешка, исто така авторка на фантастика, Натанија Барон, постираше твит: „Денес е навистина добар ден да си го поддржите омилениот писател кој не заработил 18 милиони долари во последниве години“. Не изостанаа ни коментари дека човекот кој ќе лапне милиони долари е „бел мормон“ и дека подобро би било да се финансираат по „диверзитетни“ автори од истиот жанр.
Брандон Сандерсон (1975) е најпознат по научно фантастични и епски романи за млади, како и по неколку графички новели од истите жанрови. Филмските права за неговата серија книги за фиктивниот универзум Космер се откупени во 2016. Ова значи дека тој не се појавил од никаде и дека веќе имал добра база која очигледно со нетрпение ги очекува неговите идни дела. Тие пари, иако изгледаат, и се многу, сепак не се чист хонорар, туку со нив Сандерсон треба да ги отпечати, складира и да ги испраќа книгите самиот, заедно со специјалните кутии и колекционерските изданија кои ги имаат купено читателите со својата претплата. Во светлината на недостатокот на хартија, катастрофи со транспортот и други ризици со кои може да се соочи, тој испаѓа дури и храбар во споредба со своите колеги кои се задоволуваат само со чиста пара, а само малкумина од нив би можеле да соберат толкави суми (можеби Нил Гејман и Џорџ Р.Р. Мартин).
Оттаму, велат оние кои се на страната не на авторот, туку на неговата публика, нема зошто да се обвинуваат читателите за ентузијастичната поддршка на нивниот омилен писател. Останува да се надеваме дека четирите книги ќе бидат навистина добри.