Ли Чајлд (авторот на серијата трилери за Џек Ричер), Маргарет Атвуд и Џулијан Барнс се помеѓу бројните автори кои учествуваат во хуманитарна аукција, чии приходи ќе одат за помош на луѓе што преживеале некој вид тортура.
Лицитацијата којашто се одвива на сајтот на Freedom from Torture ќе биде затворена на 15 ноември. До тогаш учесниците можат да се натпреваруваат за можност да дадат име на лик во книга на авторот којшто ќе го одберат.
Во случајот со Ли Чајлд, ликот ќе биде од новата книга за Ричер, „Сина месечина“ која ќе се појави во 2019, а за кој авторот засега вели дека без сомневање ќе биде некој правдољубив.
Атвуд пак изјавила дека иако во своите романи често пати пишува за свет без слобода и човечки правата, ваквата фикција е сурова реалност за преживеаните од тортури, и дека токму тоа е причината што одлучила да се придружи.
Лицитирање за право на именување станува популарен начин на собирање средства. Така, во 2007, аукција за именување на нов вид пеперутки организирана од Музејот за природна историја на Флорида собра повеќе од 40.000 долари, а победници беа пет внуци кои ја именуваа пеперутката по својата баба Марџори Минерва Блајт Кицмилер (пеперутката оттаму беше наречена Opsiphanes blythekitzmillerae). Во 2014 Џорџ Мартин за по 20.000 долари внесе имиња на двајца обожаватели во Игра на тронови, а парите беа донирани на азил за волци.