Бруно Ганц, кој го играше Хитлер во „Пропаст" (Der Untergang) е одбран да го игра фиктивниот папа со германско потекло Сикстус VI, во нова серија под наслов „Ватикан", чиј пилот ќе го режира Ридли Скот. Кои се другите папи во поп културата?
Џереми Ајронс како папата Александар VI, односно Родриго Борџија во „Борџии" на Нил Џордан, каде славниот актер игра не свет човек, туку плејбој. Во едно интервју Ајронс ја образложува одлуката да ја прифати улогата: „Има книга за Родриго каде тој е опишан со виножито од придавки, кои почнуваат со Голем реформатор на црквата, Голем организатор, Голем воен лидер, Прекрасен пријател...а продолжува со Грешник, Заводник, Убиец...Почнувате да сфаќате дека се работи за многу сложен и исклучителен човек кој не е баш она што историјата ни го претставила. Никогаш не сум имал лик кој можам да го истражувам толку длабоко."
Ринго Стар како папата во „Листоманија" на Кен Расел од 1975, каде тој го забранува бракот на унгарскиот композитор од 19 век, Франц Лист, со една од неговите ученички, Каролин де Сен Крик, која имала врски со Шарл X од Франција. Филмот е базиран на биографијата на музичарот, а се фокусира на овој момент како клучен за кризата во која подоцна запаѓа Лист.
Нани Морети го нарекуваат Вуди Ален на италијанскиот филм. Тој создаде истовремено сатиричен но и симпатичен портрет на папата и Ватикан во филмот „Имаме папа" (Habemus Papam). Тукушто избраниот Свет отец е нервозен во врска со неговата нова улога, и посетува психијатар, кој треба да му помогне да го надмине стресот, кој не е мал.
Бенетон и контроверзната кампања која го вознемири Ватикан. „Одмраза" покажува неколку светски лидери како се помируваат, вклучувајќи го и тогаш анти-геј расположениот папа Бенедикт XVI како се бацува со египетскиот имам Ахмед ел-Тајеб. За жал рекламата е повлечена по реакциите на Светата столица.
Саут парк и нивното откривање на „големата тајна" - дека Папата е всушност зајаче, што ја објаснува и височината на неговата капа (мора да има место за ушите). Епизодата се вика Fantastic Easter Special.
Питер О'Тул во папската роба во серијата „Тудори" каде го игра папата Павле III, кој се судира со кралот Хенри VIII, односно не му дозволува да се разведе од Катерина Арагонска - момент кога Хенри ѝ врти грб на католичката црква, кој се смета за еден од најзначајните во историјата на Европа.
Рекс Харисон го играше папата Јулие II, со Чарлтон Хестон како Микеланџело, во адаптацијата на Керол Рид на биографскиот роман посветен на Микеланџело „Агонија и екстаза". Филмот ги следи околностите во кои големиот уметник ја осликува Систинската капела. Лоренс Оливие бил всушност првиот избор за улогата, но Харисон ја добил веројатно затоа што и вон екранот бил скаран со Хестон.