Шортер и Хенкок

Отворено писмо на двајца џезери до следните генерации

Кога прв пат го прочитавме текстов ни се виде малку лигав, на граница меѓу коелјовштина и квази-верска проповед. Но после сфативме дека нашиот цинизам не е последица, туку веројатна причина на тоа толкување. Во суштина сè во писмото е точно - останува да го остварат некои помалку цинични од нас.

Вејн Шортер и Херби Хенкок се пријатели повеќе од четириесет години - од раните денови кога свиреле со Мајлс Дејвис, до иновативниот придонес кон светот на музиката кои го имаат дадено низ своите поединечни кариери. Заедно имаат освоено дваесет и пет Греми награди, но сепак сметаат дека нивното најголемо достигнување не се ниту наградите, па дури ни нивните улоги на музичари, туку пред сè тоа што се - луѓе на оваа планета.

По купот трагедии кои го зафатија светот изминатата година (и кои се уште не стивнуваат и изгледа дека нема ни наскоро да го сторат тоа), Вејн и Херби напишале отворено писмо за следните генерации уметници кои доаѓаат или ќе дојдат по нив. Еве го во целост:

До следната генерација уметници

Живееме во турбулентни и непредвидливи времиња

Од ужасот на Батаклан, до судирите во Сирија и безумното крвопролевање во Сан Бернардино, живееме во време на голема конфузија и болка. Како уметници, создавачи и сонувачи во овој свет, ве молиме да не бидете обесхрабрени од она што го гледате, туку да го искористите својот живот, а оттаму и својата уметност, како средство за градење мир.

Иако е вистина дека проблемите со кои се соочува светот се сложени, одговорот е едноставен: сè почнува од вас. Не мора да живеете во земја од третиот свет или работејќи за НВО за да направите разлика. Секој од нас има посебна мисија. Делови сме од огромна, флуидна сложувалка, каде и најмалите дејствија на едно делче длабоко влијаат врз сите други. Ти си важен, твоите дејства играат улога, твојата уметност е важна.

Би сакале да појасниме дека иако ова писмо е напишано имајќи ги на ум уметниците, овие мисли ги надминуваат професионалните граници и се однесуваат на сите луѓе, без оглед на професијата.

НАЈПРВИН, РАЗБУДЕТЕ ЈА ВАШАТА ХУМАНОСТ

Не сме сами. Не постоиме сами и не можеме да создаваме сами. Она што му треба на овој свет е хуманистичко будење заради желбата нашиот живот да го искачиме на повисоко рамниште, каде нашите дејства ќе бидат засновани на алтруизам и сочувство. Не можете да се криете позади професија или инструмент; морате да бидете човек. Фокусирајте ја енергијата на тоа да станете најдобриот можен човек. Фокусирајте се на развивање емпатија и сочувство. Преку овој процес ќе добиете огромна инспирација заснована на сложеноста и зачудноста на тоа што значи едноставно да постоиш на оваа планета. Музиката е само капка во океанот на животот.

ТРГНИ И ОСВОЈ ГО ПАТОТ ПО КОЈ ПОРЕТКО СЕ ОДИ

На светот му требаат нови патеки. Не дозволувај да бидеш хипнотизиран од вообичаената реторика или од лажни верувања и илузии за тоа како треба да се живее. До тебе е дали ќе бидеш пионер. Без оглед дали тоа ќе го сториш преку истражување на нови звуци, ритми и хармонии или преку неочекувани соработки, процеси и искуства, те охрабруваме да го отфрлиш повторувањето во сите негови негативни форми и последици. Обидете се да креирате нови дејства, и музички и животно. Не бидете конформисти.

ПРИФАТЕТЕ ГО НЕПОЗНАТОТО

Непознатото изискува импровизација од момент во момент, креативен процес кој е неспоредлив со оглед на неговиот потенцијал и она колку тој исполнува. Нема проба за животот затоа што тој, самиот, е вистинската проба. Секоја врска, пречка, интеракција е проба за следната животна авантура. Сè е поврзано. Сè се гради едно врз друго. Ништо не е залудно. Овој начин на мислење бара храброст. Биди храбар и не го губи чувството на зачудност и обожување на овој прекрасен свет околу тебе.

РАЗБЕРИ ЈА ВИСТИНСКАТА ПРИРОДА НА ПРЕЧКИТЕ

Ја имаме идејата за неуспех, но таа не е вистина - илузија е. Нема такво нешто како неуспех. Она што го сфаќате како такво е всушност нова можност, нова рака карти или ново платно на кое може да се создава. Во животот има неограничен број можности. Зборовите како „успех" и „неуспех" се само етикети. Секој момент е можност. Вие, како човечки суштества, немате ограничувања - во секоја ситуација има бескраен број можности.

НЕ СЕ ПЛАШЕТЕ ДА ВЛЕЗЕТЕ ВО ИНТЕРАКЦИЈА СО РАЗЛИЧНИТЕ ОД ВАС

На светот му требаат повеќе интеракции еден на еден на луѓе од различни потекла со голем акцент на уметноста, културата и образованието. Нашите разлики се она што го имаме како заедничко. Треба да работиме за да создаваме отворена и континуирана платформа каде сите типови луѓе можат да разменуваат идеи, ресурси, мисли и љубезност. Треба да се поврземе едни со други и да го искусиме животот едни со други. Никогаш нема да најдеме мир ако не ја разбереме болката во туѓите срца. Колку што повеќе влегуваме во интеракција со други толку повеќе ќе разбереме дека нашата хуманост ги надминува сите разлики.

ТРУДЕТЕ СЕ ДА ВОДИТЕ ДИЈАЛОГ БЕЗ АГЕНДА

Уметноста во која и да е форма е медиум за дијалог, што значи дека е моќна алатка. Време е музиката да произведе звучни приказни кои поттикнуваат дијалог во врска со мистеријата која сме всушност самите ние. Тоа значи предизвикување на стравовите кои нè спречуваат да го откриеме нашиот неограничен пристап до храброста која ни е својствена на сите. Да, ти си доволен. Да, ти нешто значиш. Да, треба да продолжиш.

ПАЗИ СЕ ОД ЕГО

Ароганцијата е карактеристична за уметниците, и може да ја имаат или оние кои веруваат дека нивниот статус ги прави поважни или оние чија поврзаност со креативноста ги прави да се чувствуваат некако супериорни. Пазете се од его - креативност не може да има само ако му се служи на егото.

РАБОТЕТЕ КОН БИЗНИС БЕЗ ГРАНИЦИ

Во медицината има организација наречена Доктори без граници. Ова може да служи како модел за надминување на ограничувањата и стратегиите на старите бизнис формули кои се направени така за да одржуваат стари системи, а да ги прикажуваат како нови. Зборуваме директно за систем кој е воспоставен, а кој ги условува потрошувачите да ги купат само оние производи кои тој самиот диктира дека се добри за рекламирање, систем чија единствена цел се парите. Музичкиот бизнис е дел од бизнисот на животот. Живеејќи со креативен интегритет може да донесе големи привилегии.

ЦЕНЕТЕ ЈА ГЕНЕРАЦИЈАТА КОЈА РАБОТЕЛА ПРЕД ВАС

Постарите можат да ви помогнат. Тие се извор на богатство во форма на мурдост. Тие минале низ бури и издржале кршење срца; нека нивните битки ви бидат светлината која го осветлува патот низ темнината. Не губете време повторувајќи ги нивните грешки. Наместо тоа, земете го она што тие го направиле и катапултирајте се кон градење прогресивно подобар свет за потомството.

НА КРАЈ, СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА ЌЕ ЖИВЕЕТЕ ВО СОСТОЈБА НА ПОСТОЈАНА ЉУБОПИТНОСТ

Како што акумулираме години, делови од нашата фантазија отапуваат. Дали од тага, од долго водење битки, од социјални околности, некаде по пат луѓето забораваат да се радуваат на внатрешната магија која постои во нашите умови. Не дозволувајте тој дел од вашата имагинација да исчезне. Погледнете во ѕвездите и замислете како е да се биде астронаут или пилот. Замислете дека ги истражувате пирамидите или Мачу Пичу. Дека летате како птица или минувате низ ѕид како Супермен. Замислете како трчате со диносаурус или пливате како морски суштества. Сè што постои е продизвод на нечија имагинација - чувајте ја и хранете ја вашата и секогаш ќе бидете на прагот на откритија.

Како сето ова води кон создавање на мирно општество? Почнува со кауза. Вашите каузи создаваат последици кои ја градат вашата иднина и иднината на оние околу вас. Бидете главни во филмот на вашиот живот. Вие сте режисeр, продуцент и актер. Бидете храбри и неуморно милосрдни додека танцувате низ патувањето кое е вашиот живот.

23 март 2016 - 14:35