На најголемите гробишта во Цирих, Швајцарија, е поставен необичен автомат. Од него ужалените можат да купат (пред, за време или по погребната церемонија) производи како марамчиња, картички за сочувство, бројаници, па дури и мала музичка кутија која ја свири You Are My Sunshine. Цените се движат од 60-1000 денари.
Дизајниран и конструиран од швајцарската дизајнерка Леа Хофер, „Дер Трауераутомат“, или „Машината за жалење“ е поставена во 2018 на главниот влез на гробиштата Силфелд. Идејата на дизајнерката не била само да понуди практично решение за оние кои од стрес нема да си понесат марамчиња, туку и да го дестигматизира жалењето кое во таа средина е табу.
Поставувањето на апаратот предизвика бурни реакции на швајцарските медиуми и на социјалните мрежи. Некои од коментаторите го сметаат автоматот за невкусен и богохулен, додека на други им се допаѓа креативниот пристап кон оваа непријатна тема .
Автоматот е дел од форумот Фридхоф на гробиштата Силфелд, прв културен сервисен центар во Швајцарија кој нуди информации и дискусија околу смртта, погребувањето и тажењето. Во склоп на форумот работи таканаречена „канцеларија за последното патување“ каде се одржуваат повремени изложби на тема смрт.
Ако некогаш дојде до поставување на ваков автомат во Бутел предлагаме следен асортиман: варено жито во форма на енергетски барови, крпи за копачите и флаери со мотивациски изреки („само по редот нека е“, „вие да сте здрави и живи“, „сите ќе умреме“ и сл.). По секое купување на звучниче да оди едно баритонско „амииин“, а кусурот да се враќа во свеќи.
П.С. Не сме сигурни дека добро гледаме ама ова најдоле десно лево ни изгледа ко онакво со сапуница за правење балони:)