Опера за една премиерка

„Интимно истражување на една од највлијателните но и најполаризирачки личности во британската историја“. Вака гласи описот на нова опера посветена на животот и делото на Маргарет Тачер.

„Останатото е историја“ (The Rest is History) во моментов е еден од најпопуларните историски подкасти, чии водители се Том Холанд и Доминик Сендрбрук. 

Тој ист Сендбрук сега пишува опера за животот на Маргарет Тачер, која ќе го покрие нејзиниот 11-годишен мандат како премиерка на Британија. „Госпоѓа Т“, како што гласи насловот, ќе биде премиерно изведена на 100-годишнината од раѓањето на Тачер (13 oктомври 1925). 

Операта е опишана како „интимно истражување на една од навлијателните личности на британската политика“. Ова е прво либрето на Сендрбрук но тој претходно бил консултиран за документарец на Би-би-си, „Тачер: многу британска револуција“ и е еден од најпочитуваните британски историчари на 20 век. 

Истовремено, тој има пишувано за Тачер во својата книга „Оној кој се осмелува победува“ од 2019, која се фокусираше на драматичните и често пати хаотични први три години од нејзината работа како премиер. 

Сендбрук ќе работи со композиторот Џозеф Фибс, кој претходно ја има компонирано „Госпоѓица Јулија“ на Стринберг. Се очекува и музички Тачер да биде прикажана не само како политичар туку и како жена: нејзината изолација во светот доминиран од мажите, честите конфликти со членовите на нејзиниот кабинет и драматичните настани кои довеле до нејзината оставка. Режијата ќе биде на Луси Бредли, а мецо-сопранот Луси Шауфер ќе ја игра насловната улога. 

Ова сепак не е прва опера за Тачер - во 2013, вакво дело субвенционирано од француската влада го портретираше нејзиниот однос со генералнот Августо Пиноче, поранешниот чилеански диктатор. Тие двајцата се сретнале во 1999, додека Пиноче бил во домашен притвор во Лондон. 

Тачер изјавила дека не е некој голем фан на опера, но дека омилен композитор ѝ е Хендл, поради „сите тие прекрасни мелодии“. 

5 февруари 2025 - 17:46