Новиот филм за Роберт Опенхајмер, озлогласениот изумител на нулеарно оружје во текот на Втората светска војна, вклучува сцена во која се рекреира првата атомска детонација во Ново Мексико од јули 1945. Ова е само еден месец пред САД да исфрли слични бомби врз Нагасаки и Хирошима, со трагични последици.
Kодното име на овој настан бил „Тринити“ (Тројство), а го дал токму Опенхајмер, кој во тоа време бил директор на лабораторијата Лос Аламос. Освен кон физиката, тој негувал силни афинитети кон книжевноста, а особено му бил драг поетот Џон Дон и неговата „Химна на Бог, мојот Бог, додека лежам болен“, за човек кој не се плаши да умре бидејќи верува во воскресението и светото Тројство.
Според Нолан рекреирањето на Тринити без употреба на компјутерска графика било голем предизвик за кој тој и Ендрју Џексон, главниот за визуелни ефекти, сакале да се нафатат. Тој и претходно има правено вакви амбициозни зафати, како кога кренал во воздух авион Боинг 747 за потребите на „Тенет“ од 2020, или кога снимал на врв на ледник што се топи во „Интерстелар“.
Со нетрпение очекувајќи да ја видиме конкретната сцена, се радуваме и на кастингот: Силијан Марфи (од „Пики Блајндерс“) во улогата на Опенхајмер, со Емили Блант, Мет Дејмон, Роберт Дауни Џуниор, Рами Малек и Џош Харнет. Премиерата би требало да се случи во јули следната година.