Новозеландската организација за конзервација, Forest&Bird, организираше натпревар за Птица на векот, замолувајќи ги луѓето во земјата и во странство да гласаат за омилениот загрозен вид помеѓу десетици натпреварувачи.
Водителот на познатото шоу The Last Week Tonight, Џон Оливер, ја прашал организацијата дали би можел да организира кампања за путукетеке, водна птица со специфичен „грива“ на вратот и добил согласност за истото. Но изгледа од таму не биле баш свесни што подразбира тоа, се до моменот кога Оливер не почнал да поставува билборди низ светот, па дури и да се појавува облечен како птицата, на пример при негово гостување во шоуто на Џими Фалон.
Путекетеке се познати по своите обреди на парење, кога си нудат едни на други водни алги и потоа се удираат со градите. Најбизарното е што си ги јадат сопствените пердуви пред да ги повратат. Комичарот секако го искористи овој факт велејќи: „Никогаш не сум се идентификувал со ништо повеќе во животот“, додавајќи дека тоа што поставил реклами лобирајќи за својата птица во Индија, Јапонија, Нов Зеланд и на други места ја покажува моќта на демократијата и начинот на кој САД се мешаат во странските избори.
Целата работа му се исплатеше, затоа што организаторот во средата објави дека путекетеке победила со неверојатни 290.374 гласа. За споредба, птицата кафеаво киви, која го доби второто место, имаше само 12.904 гласа.
Сепак, главниот акцент беше ставен на загрозениот статус на оваа птица, од која се смета дека постојат само уште 1000 примероци. Организаторот посочил дека повеќе од 80% од домородните птици во Нов Зеланд се исто така на листата на загрозени.