Од секс-симбол до филмски визионер: замина Роберт Редфорд

Актерот со огромна филмска харизма кој подоцна стана оскаровски режисер, почина денес, 16.09. на 89-годишна возраст во својот дом во Јута. Веста ја соопшти неговата публицистка, велејќи дека починал мирно, во сон.

фото: Epa Images

„Буч Кесиди и Санденс Кид“. „Осило“. „Мојата Африка“. „Непристоен предлог“. Чарлс Роберт Редфорд помладиот, како што гласеше неговото целосно име, зад себе остави богата кариера во која одбиваше да прифаќа површен холивудски пристап кон филмовите и инсистираше тие да носат културолошка и социјална тежина. Често беше промовиран како секс-симбол, неговиот шарм и изглед го направија еден од најпосакуваните актери на своето време, но остави да старее природно, без козметики и операции. Последен пат како актер се појави во „Авенџерс: ендгејм“, иако претходно во 2018 најави дека „Стариот и пушката“ ќе му биде последен пред пензија (за ова пишувавме претходно тука).

Во четириесеттите години од животот премина во режисери и веднаш постигна успех со „Обични луѓе“ (1980), филм кој освои четири Оскари, меѓу кои и за најдобар филм и за најдобра режија. Иако имаше и неуспеси, како „Војната за полињата грав во Милагро“ (1988), тој остана упорен во својата заложба за сериозни теми и подоцна режираше признати остварувања како „Една река минува од тука“ (1992) и „Квиз“ (1994).

Најголемо културно наследство сепак остави како основач на Санденс институтот (1981) и Санденс филмскиот фестивал, кој под негово водство прерасна во најважна платформа за независни автори во САД. Многу познати режисери, како Квентин Тарантино и Стивен Содерберг, своите кариери ги започнаа токму таму.

Редфорд беше и силен еколошки застапник. Со децении учествуваше во кампањи за заштита на природата, се спротивставуваше на штетни проекти и беше долгогодишен член на Советот за одбрана на природните ресурси.

Личниот живот му беше обележан и со радости, и со тешки трагедии. Со првата сопруга Лола Ван Вегенен имаше четири деца, од коe едното почина како бебе. Подоцна ја изгуби и ќерката Шона во сообраќајна несреќа, а синот Џејми почина од рак во 2020. Во 2009 година се ожени со германската уметница Сибил Зaгарс.

Роберт Редфорд ќе остане запаметен како актер и режисер кој влијаеше врз цели генерации, но и како пионер кој ја создаде независната филмска сцена што денес е неизоставен дел од светската кинематографија.

16 септември 2025 - 15:19