Во број на Њујоркер од 27 јануари 2003 е објавено интервју со извесен Форест Такер, криминалец со кариера која траела повеќе од шест децении, а чија специјалност била ограбување банки и бегства од сите затвори во кои престојувал. Кога наполнил 79, со висок притисок, чир во стомак и бајпас, одлучил дека е време да се пензионира. Во ова го поддржувала и жена му, која издејствувала да се купи куќа на Флорида со поглед на голф терен, каде би проживеале мирна старост. И сè ќе било добро доколку Такер не посакал пред повлекувањето да направи уште само една акција.
Облечен целиот во бело, овој маркантен маж со залижана коса и продорни сини очи, едно утро заминал во градот Џупитер, на осумдесетина километри од местото каде живеел, и со маска на главата се обидел да ја ограби локалната банка. Иако за искусниот играч сè изгледало рутински, тој веројатно некаде се прелажал - полицијата го фатила, не можејќи да верува дека дедото на чии раце ставиле лисици е озлогласен криминалец, чие последно бегство од затвор се случило само неколку години претходно.
Сторијата сега ќе биде филмувана, во режија на Дејвид Лоури (Ghost Story), а во главната улога, негова наводно последна пред пензија, настапува Роберт Редфорд. Кејси Афлек го глуми детективот кој станува опседнат со Такер, а Сиси Спејсек ја игра љубовта на Такер. Споредна улога има и Том Вејтс.
Премиерата се очекува на 28 септември, а тука имаме тазе трејлер. Во него Редфорд ама ич не изгледа како некој што треба професионално да се одјави.