Од каде името „хот дог“ и дали има врска со куче?

Во времето на првите модерни сендвичари во Скопје („Бони“, „Камел“) ред се редеше за обична виршла во кифла, со кечап и мајонез и малку оригано одозгора, за арома. Толку беа вкусни што ќе ги јадевме точно и да ни кажеа дека се од куче. 

Како и многу класични гастрономски приказни, и потеклото на терминот „хот дог“ е нејасно. Има неколку верзии, но ниедна не е сосема потврдена. Она што сигурно го знаеме е дека колбасите биле познати уште од дамнешни времиња, а во САД ги донеле германските имигранти во 19 век. Тие, познати како франкфуртски или виенски, често се продавале од улични продавачи во градови како Њујорк и Чикаго.

За да бидат полесни за јадење во движење, некој генијалец решил да ги стави колбасите во лепче. Така настанал хот дог-от, вкусна улична храна која денес е еден од синонимите за американската поп култура, но познат под истото име и глобално.

Како сендвичот добил име на куче? Во раниот 20-ти век, карикатуристот Тад Дорган присуствувал на бејзбол натпревар и видел продавач како нуди колбаси во лепче. Инспириран, нацртал карикатура со натпис: „Get your hot dogs!“ (Земете си жешки кучиња!). Легендата вели дека сакал да напише дахсхунд колбаси (во форма на оние долгнавести кучиња, јазовичари), но не знаел како точно се пишува „dachshund“, па едноставно го скратил во „dog“. Мала сенка на теоријава фрла фактот што оригиналната карикатура никогаш не била пронајдена.

Постои и друга, на историчарот Брус Крејг, автор на „Хот дог: глобална историја“. Тој укажува дека терминот „хот дог“ можеби потекнува од долготрајна шега - дека евтините колбаси содржат „мистериозно месо“, можеби дури и месо од куче. Иако нема докази за тоа, шегата си останала, а терминот „дог“ се залепил, поттикнат од сленг, уличен хумор и рекламна привлечност. Зборот „хот“, пак, се поврзува со тогашната популарна фраза „ред хотс“ - жешки колбаси кои се служеле топли.

Денес, „хот дог“ е толку длабоко вкоренет во американската култура, што ретко кој го поставува прашањето за името. Битно е лепчето да е топло и да има кечеп и сенф. 

2 јуни 2025 - 20:33