Поранешен водач на данска банда кој решил да објави исповедничка биографија како начин да се збогува со своето криминално минато, наместо тоа се збогувал со животот. Во понеделникот 19.11, Недим Јасар (31), токму кога го напуштал настанот на кој се обзнанило излегувањето на неговата книга под наслов „Корени“, бил убиен од непознат напаѓач со два куршума.
Јасар, кој бил роден во Турција а пристигнал во Данска на четиригодишна возраст, ја водел криминалната група базирана во Копенхаген Лос Гуерерос, чија главна дејност била трговија со дрога.
Излегол од овој „бизнис“ во 2012 се придружил на програма за рехабилитација откако открил дека ќе стане татко. Потоа станал ментор на млади луѓе, а водел и популарна емисија на локална радио станица.
Неговиот мемоар „Корени: излезот од криминалот на еден ганстер“ е напишан од Мари-Луиз Токсвиг и го опишува точно тоа што го најавува насловот, обидот на Јасар да почне нов живот, во земја чие име вообичаено не се поврзува со подземје и дроги, но во која пресметките помеѓу бандите во последниве години станаа сè почести. Минатата година според данската полиција е пријавен рекорден број пукања токму поврзани со подземјето.