Koга на 26 август британскиот рок бенд Мјуз ќе го објават својот деветти албум, „Волја на народот“, изданието во форма на незаменливи токени (NFT) ќе стане прво од овој вид кое ќе може да се квалификува за топ-листите во Британија и Австралија. Ова е првиот нов формат кој се додава на топ-листите по онаа на стримувани албуми во 2015.
Тој ќе се продава преку „еколошката“ НФТ платформа Серенејд. Нејзиниот основач, Макс Шенд, го опишува изданието на Мјуз како „црната маичка на НФТ“, практичен дигитален формат кој е многу лесен за купување. За разлика од голем број незаменливи токени, за набавка на овој на купувачите нема да им биде потребно да поседуваат крипто валута. Дигитален паричник се создава откако ќе се купи албумот на официјалниот сајт на Серенејд. Ако корисникот веќе има биткоин или етериум тој може да го искористи.
Во април, инди рок бендот Амазонс издадоа дигитален пакет НФТ, ограничен на 100 примероци, кој следуваше со рана претплата на нивниот албум „Како ќе знам дали рајот ќе ме најде“, кој ќе излезе во септември. Но ова издание нема да може да конкурира за топ-листите бидејќи не е самостоен албум.
Мјуз бил прв избор за ваков потфат на Серенејд поради фактот што бендот работел со блокчејн платформата КриптоКитис во 2020 за да создаде дигитални колекционерски производи. Новиот албум ќе се продава за 20 фунти и ќе биде глобално ограничен на 1000 примероци. Купувачите ќе добијат фајлови во висока резолуција, посебна корица на албумот, а членовите на бендот дигитално ќе се потпишат. Како и со други НФТ, оригиналниот купувач може да го препродаде албумот, при што 15% од таа повторна продажба ќе му се врати на бендот и на сопственикот на авторските права за аудио снимките односно композициите - Ворнер мјузик и Јуниверзал мјузик паблишинг.