Насловот е „Што ако?: сериозни научни одговори на апсурдни хипотетички прашања", и е базирана на неговата колумна под наслов „Што ако" која ја пишува независно од xkcd, и во која одговара на прашања поставени од негови читатели. „Ги прегледав писмата кои ми стигнуваат секоја недела, и ги издвоив најинтересните на кои сакав да им посветам посебно внимание", вели Манро во најавата. Веста беше објавена минатата недела, а книгата на невидено веднаш се искачи на листата на најпродавани книги на Амазон.
Некои од прашањата на кои Манро одговара во колумната се дали ние како човечки суштества имаме произведено доволно боја за да ја покриеме целата Земја, колку помалку храна би им била потребна на кравите доколку тие би можеле да вршат фотосинтеза, колку поединечни твитови на англиски се можни и колку долго би му било потребно на светското население да ги прочита на глас. Одговорите се не само детални туку и прилично научно издржани, секако илустрирани со хумористично-сатиричните стапчиња по кои Манро стана познат.
Ваков почетен интерес не е секогаш знак дека кога книгата ќе излезе тој ќе се одржи. Освен тоа, забележано е дека ако некоја книга е објавена само на хартија, како во случајов, таа полесно се искачува на врвот на листата, бидејќи бројот на луѓе кои купуваат физички книги е сè помал. Но кога станува збор за сакани автори на веб-стрипови каков што е Манро, обемот на нивната публика е сепак доволен за барем првична одлична продажба. Тоа го потврди и објавувањето на долгоочекуваната книга на Али Брош, креаторката на исто така популарниот Hyperbole and a Half, која веднаш стана бестселер.