Нова книга, напишана од жена, ја истражува „биографијата“ на жлездата која е дел од репродуктивниот систем на мажите. Голема колку орев или костен, таа е сместена под мечниот меур, на основата на машкиот полов орган и непосредно пред аналниот отвор. Во македонската книжевност најпозната по насловот на романот на Јован Павловски, „Сок од простата“, бистрата течност која е дел од спермата при ејакулација.
Eрика Џонсон, авторката на „Културна биографија на простатата“ која излезе во септември 2021, е професорка по Родови и општествени прашања на Универзитетот Линкепинг во Шведска. Таа во студијата покажува дека нашето зборување, замислување и визуелизирање на простатата е мешавина од предрасуди, погрешни информации и стравови. Овој дел од машкото тело е „откриен“ во 16 век и од тогаш повремено се појавува и како медицински објект на интерес, но и како нелагодна тема поврзана со машката телесност и сексуалност. Во современ контекст најгласна е сепак тишината која ги обвива проблемите, особено на повозрасните мажи, од хиперплазија (проширување) на простатата до многу посериозниот рак на простата.
Во популарната култура првата дијагноза повремено се појавува во комични серии и филмови, како омекнување на нелагодата а во контекст на маките на машката средовечност. Антологиска во таа смисла е сцената од документарната серија An Idiot Abroad, во која другарите на Карл Пилкингтон го убедуваат, за негово добро, да оди на преглед на простата.
И покрај ваквите хумористични тонови, изненадувачки е што дури 63 филмови на Имдб се означени со клучниот збор „рак на простата“.
Ткивата на простата се чувствителни на менливите нивоа на тестостерон, кои ја стимулираат да расте сè додека тестисите го произведуваат овој хормон. До возраст од 70 години, дури три четвртини мажи имаат „простатизам“ - некој степен на опструктивни симптоми на простатата. Во одделни случаи тие подразбираат слаб млаз при мокрење, тешкотии да се почне со мочање, станување ноќе за во ВЦ. Симптоми од кои можеби страдал и таткото на авторката, кому му е посветена книгата.
Што е простата? Што била простатата? Социјалната комплексност на дијагностицирањето рак на простата. „Отсутната“ простата. Ова е дел од поглавјата во книгата во издание на MIT, која можеби токму затоа што е напишана од жена ќе придонесе за зголемување на свесноста за овој машки проблем, кој мажите меѓусебно тивко го споделуваат, но за кој нивните партнерки и женски членови од семејството често немаат поим.