Последен пат за нов албум на Жар чувме во 2007, кога тој го издаде концептуалниот „Тео и Теа", љубовна приказна за два лика кои минуваат еден ден заедно, а кој беше придружен со анимирано видео. Истата година излезе и ремастерираниот, антологиски „Оксижен", кој во седумдесетите се продаде во повеќе од 15 милиони примероци. По 8 години, пионерот на електронската музика најавува нов албум.
„Сакав да раскажам приказна за историјата на електронската музика и нејзиното наследство од моја гледна точка, и од моето искуство, од моментот од кога почнав до денес", изјавил Жар, кој одбележува четириесет години работа во музичките води. Албумот се вика „Електроника, прв дел: Временска машина", и ќе излезе на 16 октомври. На него има 16 парчиња, и соработки на Жар со негови омилени музичари, како Танџерин дрим, Лори Андерсон, Моби, Масив Так и Пит Таусенд, кои според него директно или индиректно придонеле кон оваа сцена.
Проектот, кога ќе заврши, ќе има два „тома", а вториот ќе биде објавен следната пролет. Еве го трејлерот за нешто што звучи моќно. Патемна забелешка: згодниов композитор има 67 години. Францускиот акцент е гратис.