Необичната традиција на разговарање со пчели

Да го искористиме бранот на интерес за пчелите и односот на човекот кон природата инициран од „Медена земја“ и да раскажеме за една необична традиција во Британија, според која пчелите морале да бидат информирани за сите позначајни настани во семејството кое ги чувало.

Во минатото речиси секое селско британско семејство кое чувало пчели имало обврска, доколку се случи смрт во семејството, да појде до кошниците и да ги извести пчелите за истото. Доколку тоа не било сторено, се сметало дека ќе се случуваат понатамошни несреќи, дека пчелите ќе ги напуштат кошниците, дека нема да даваат доволно мед или дека ќе умрат. И ова не се однесувало само на смртни случаи, туку и на секакви позначајни семејни настани. Оваа необична пракса се нарекувала telling the bees, или прикажување со пчелите.

Обичајот веројатно потекнува од келтската митологија, според која пчелите се врска помеѓу нашиот свет и светот на духовите. Така, ако некој сакал да испрати порака на мртвите, тоа требало да им се каже на пчелите и тие истата би ја пренеле. Сепак, праксата не е ограничена на териториите кои некогаш биле населени со Келти, туку преминала и во други делови на Европа, а го минала и Атлантикот кон Северна Америка.

Главна улога во обредот имал или старешината на семејството или најстарата домаќинка. Тие оделе до кошниците, благо удирале по нив за да го привлечат вниманието на пчелите, а потоа со нежно мрморење ги соопштувале вестите. Често ова се правело низ стихови и придружено со музика. Доколку станувало збор за смртен случај кошницата била обвиткувана со парче црно платно, а доколку се работело за свадба тогаш пред кошниците биле оставани колачиња, за и пчелите да се почестат. Младоженецот и невестата им се претставувале на пчелите, а доколку тоа не се направело се сметало дека тие би имале несреќен брак

Со пчелите биле поврзувани и други верувања, на пример дека продавањето кошници носи лоша среќа, дека ако пчела влезе во куќата наскоро ќе се јави или појави туѓинец, а доколку тие се одмараат на покривот куќата ќе ја снајде добра среќа.

Обичајот е опишан и во поезијата - американскиот поет Џон Гринлиф Витиер во песната „Прикажување со пчелите“ од 1858 вели: „Треперејќи, слушав: летното сонце беше ледено како снег;/Затоа што знаев дека таа им прикажува на пчелите/За некој кој заминал по патот на кој сите мораме да појдеме!“.

извор

29 август 2019 - 17:07