На 1 јануари во јавен домен влегуваат „Вини Пу“, дело на Хемингвеј и голема аудио збирка

Во 2022 ќе згаснат авторските права за реобјавување, копирање и „ремикс“ на голем број дела, оригинално објавени во 1926.

Кога во 1982 Бенџамин Хоф ја објавил „Тао на Пу“ користејќи ги славните приказни за мечето на А. А. Мајн, тој се согласил на оригиналниот автор да му исплати третина од заработката на примероците со тврд повез и 40% од оние со мека корица. Од 1 јануари 2022 авторите кои ќе сакаат да искористат некои од оригиналните стории за Вини Пу нема да имаат потреба од таков договор. Како и други дела објавени во 1926, и оригиналниот Пу влегува во јавен домен. Ова значи дека тие ќе можат да бидат споделувани, повторно објавувани и користени како основа на други дела, без дозвола или надомест. 

Помеѓу делата за коишто станува збор спаѓаат „Сонцето повторно изгрева“ на Ернест Хемингвеј, неми филмови со Бастер Китон и Грета Гарбо и збирки поезија од Лангстон Хјуз и Дороти Паркер. 

Додека законите за авторски права во голем број земји овозможуваат делата да влезат во јавен домен 70 години по смртта на нивниот автор, американскиот закон од 1998 вели дека повеќето од нив стануваат јавни дури 95 години по нивното создавање. Издавачите и авторите со нетрпение го очекуваат ослободувањето на правата за своите замислени проекти. На пример, откако минатата година на овој список се појави „Големиот Гетсби“ на Фицџералд, се појавија голем број адаптации, меѓу кои графичка новела, верзија на приказната во која Гетсби е вампир и уште една раскажана од перспектива на лик по име Џордан Бејкер, замислена како богата Виетнамка во Америка. Музичарите исто така искористија голем број композиции, главно џез и блуз, од 1920-тите.

Во 2022 за прв пат ќе станат достапни снимки достапни согласно акт од 2018 наречен „Закон за модернизација на музиката“. Еден дел од него овозможува снимки направени пред 1972 да бидат заштитени 95 години по првото објавување. Тоа значи дека сите снимки направени пред 1924 ќе бидат достапни на почетокот на следната година. Пред да биде донесен овој закон првите снимки од овој период се ослободуваа дури во 2047. 

Сегашново ослободување подразбира околу 400.000 снимки, меѓу кои изведбата на славната песна од Првата светска војна „Таму“ на Нора Бајс и верзијата на Енрико Карузо, која била на првото место на топ листите во ноември 1917. На списокот се и снимки на политички говори. 

 

30 декември 2021 - 08:08