Албумот од 1995 Jagged Little Pill на Аланис Морисет беше едно од најголемите освежувања на деведесетите, динамичен и моќен микс на стихови кои зборуваат за љубовни маки, исцелување и продолжување понатаму. Во 2018 во Кембриџ, Масачусетс, беше поставен мјузикл под истото име, кој следната година пристигна на Бродвеј. Тој беше номиниран за 15 Тони награди од кои доби две. Истовремено, беше награден со Греми за најдобар албум од театарски мјузикл.
Сега содржината на претставата ќе биде преточена во роман за млади, со помош на авторите на мјузиклот и на писателот Ерик Смит. Театарското шоу е почетна точка, но книгата ќе понуди подлабок увид во карактерот на различните ликови.
Станува збор за меѓусебно поврзани животи на петмина тинејџери чии животи се менуваат откако тие ќе присуствуваат на забава каде еден од ликовите, Бела, е сексуално нападната. Нарацијата е од гледна точка на сите петмина, секој на свој начин справувајќи се со она што се случило, и со можноста насилникот да помине неказнет.
Во претставата беа вклучени песни од целото досегашно творештво на Морисет, но таа специјално за неа напиша и две нови, „Смеење“ и „Предатор“. Засега нема информација дали со книгата можеби би одело и ЦД со музиката од претставата.