Малку поинаков биографски филм за Мерлин Монро, вестерн лоциран во Ирска, Хари Стајлс во утопија од 1950-тите, романтична драма која преминува во канибализам...Ова се некои од најочекуваните филмови во Венеција оваа година.
„Русокоса“
Базиран на биографски податоци од животот на Мерлин Монро, филмот е работен според роман на Џојс Керол Оутс, со Ана де Армас во главната улога, која веќе се спомнува како кандидатка за Оскар. Тој привлекува внимание и поради фактот што е означен како неподобен за под 18 години, што значи дека за разлика од досегашните биографски филмови за Мерлин сепак презема поголеми ризици. Добра вест е дека ќе се појави на Нетфликс на 28 септември.
„Не се секирај драги“
Психолошки трилер на Оливија Вајлд со Хари Стајлс, кој веќе е тема на социјалните мрежи поради својот американски акцент (но истовремено ќе биде и главниот магнет за гледање на филмот). Станува збор за психолошки трилер кој се одвива во утописка калифорниска заедница од 1950-тите, раководена од злобен „мастермајнд“. Според промотивните материјали, филмот е „многу секси, и истовремено морничав“. Добра комбинација.
„Бардо“
Полуавтобиографски арт филм за познат новинар и режисер, кој се враќа дома, во Мексико, за да разреши семејна криза. Режисер е Алехандро Инариту, кој со оглед на досегашниот список добиени Оскари, има шанса и за трет, по „Човекот-птица“ и „Повратник“.
Бардо ќе се прикажува на Нетфликс при крајот на годината, а засега не е објавен трејлер.
„Коски и друго“
Тимоти Шаламет се враќа по минатогодишниот „Дина“, повторно во соработка со режисерот на „Викај ме по моето име“, за адаптација на роман за пар авантуристи кој тргнува на пат и...завршува во канибализам. Како стигнува од романтичната точка А до грозната точка Б, тоа допрва треба да го видиме.
бонус: фризурата на Тимоти
„Нема мечки“
Новиот филм сниман тајно на Џафар Панахи, осуден на шест години затвор оваа година. Во 2000 Панахи во Венеција го освои Златниот лав за „Круг“. Неговиот нов филм е политички трилер кој следи две паралелни љубовни приказни. Не се знае нешто повеќе од ова, освен дека режисерот е самиот во центарот на драмата.
„Вечната ќерка“
Мистерија продуцирана од Мартин Скорсезе, со Тилда Свинтон во главната улога. И за овој филм не се знае многу, освен дека следи уметница и нејзината мајка кои се враќаат дома и притоа искрснуваат долго потиснувани тајни. Режисерка е Џоана Хог (диптихот „Сувенир“), и од неа се очекува уште еден длабоко доживеан филм за отуѓувањето и динамиката на родителско-детските односи. Засега нема трејлер, а не се очекува да биде јавно прикажан до почетокот на следната година.
„Китот“
Дарен Аронофски ја сака Венеција. Тука имаше премиера неговиот „Фонтана“, „Борачот“ (за кој го доби и Лавот во 2008), „Црниот лебед“ и тешко гледливиот „мајка!“.
Во неговиот нов проект, базиран на драма на Семјуел Д. Хантер, во главната улога е Брендан Фрејзер, кој игра наставник по англиски кој страда од екстремна дебелина, а притоа се обидува да се поврзе со својата отуѓена ќерка. Се зборува дека е снимен само во една просторија.
„Тар“
Биографија на познатата композиторка Лидија Тар, првата жена-диригент на германски оркестар. Филмот ја прикажува неколку дена пред снимање на нејзино ново дело, среде неподнослива тензија. Централниот лик го игра Кејт Бланшет. Други податоци нема, освен овој трејлер кој ветува стилистички храбар филм кој флертува со кошмарното.
„Самовилите од Инишерин“
Мартин МекДона, режисерот на оскаровецот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ се здружува со ѕвездата на неговиот „Во Бриж“, Колин Фарел, за апсурдна трагикомедија, лоцирана во 1920-тите во „вестерн“ Ирска. Фарел и Брендан Глисон играат блиски пријатели, чија врска ненадејно се прекинува, предизикувајќи последици по целата заедница. Црна комедија за пријателството, која има голем потенцијал со оглед на имињата вклучени во неа.
„Синот“
По трогателниот „Таткото“ со Ентони Хопкинс, режисерот Флоријан Зелер направи нов филм со Хју Џекмен, за човек чиј идеален живот со семејството е нарушен со пристигнувањето на неговата поранешна сопруга и синот-тинејџер. Во екипата се и Лора Дерн и повторно Ентони Хопкинс.