Медиумско навраќање на 1938

Ако некоја идна (блиска или далечна) апокалипса не ги збрише сите сервери од лицето на земјата, примарен извор на идните историчари ќе бидат актуелните фејсбук постови и твитови. За минатото исто толку гласно зборуваат сочуваните весници, кои на хартија изгледа ќе потрајат подолго отколку дигиталните пиксели. Накратко: 1938, Кралство Југославија.

Во потрага по биографски податоци за Тихомир Ѓорѓевиќ, српски етнолог кој неуморно собирал фолклорни материјали од цела Југославија (па и од Македонија) во првите децении на на 20 век, наидовме на една страница од весникот Политика, од недела, 2 јануари 1938. 

Шаренилото на вести на таа една страница број 8, е пресек на она што тогашните уредници на весникот сметале дека е важно да се забележи, и за тогашните читатели, и за иднината. Во книжевна смисла, таа како да е пастиш од различни рубрики (од актуелна политика, преку црна хроника до комерцијални огласи), но и различни стилови, од трилер-акција до сув бирократски јазик со примеси на платена политичка програма. Денешна една страница од весник или сајт тешко дека може да го постигне тој ефект на истовремена информативност и забава. 

Вест број 1:

Вчера наутро на патот Белград-Земун дошло до необична несреќа. Патнички автомобил, во кој освен шоферот имало уште тројца патници, се судрил со санката на една млекарница, ја превртил, ја скршил а потоа преку трамвајската пруга се залетал во излиената Сава. За среќа оваа несреќа минала без жртви. 

Тоа се случило околу пет и пол наутро, во време кога последните гости ги напуштале белградските кафани во кои ја пречекале Новата година. Патниците пред да се разделат одлучиле да појдат до Земун на кафе, со автомобил марка „Адлер“. На половина пат, кај електричниот столб број 30, шоферот одеднаш забележал пред себе санка. И дали затоа што не ја забележал на време, или поради нешто друго, не се знае, туку одеднаш колата со сета сила налетала на санката. Сударот бил мошне силен. Најпрвин се слушнало кршење на дрво, вресок на женски глас, а потоа колата нагло свртила на страна и завршила во Сава, покриена со тенок мраз. Во паничен страв да не се удават, патниците го скршиле стаклото на едниот од прозорците и се извлекле надвор. Повикувајќи на помош, мокри, тие сепак успеале некако да стигнат до брегот. Патот, завеан со снег, бил пуст. Само, крај скршената санка, кукала Ната Савичевиќ, млекарка од Бежанија. И кој знае колку време тие би седеле мокри на пустиот пат и би настинале, ако случајно не наишол фоторепортерот на „Политика“. Сите четворица се пренесени со неговиот автомобил во Белград, а дежурниот писар на земунскиот кварт ја упатил млекарката Ната во земунската бонлица на лечење. По извршениот увид, со помош на моторен шпедитер, автомобилот кој до покрив бил потонат во вода, е изваден од Сава.

Вест бр. 2
„Вчера е погребан пок. Живојин Аранѓелковиќ“ (пок. - покоен, можеби претходник на денешното #rip, да не испадне дека погребале жив човек). Станува збор за народен пратеник и државен советник во пензија, а текстот е всушност детално наведување на имињата на сите можни функционери кои присиствувале на неговиот погреб, сосе податокот кој од нив и во која фаза од церемонијата одржал говор. Не толку за да се знае кој бил присутен, туку кој не бил.

РЕКЛАМА ЗА ЧОКОЛАДА УНИОН

Вест бр. 3
Создавање на нов болнички кадар

Текстот укажува на намерите на новиот министер за социјална политика и народно здравје за спроведување модерна санитетска политика, што подразбира создавање и нов болнички кадар. Во таа насока се предвидува после обврзниот стаж лекарот да помине 2 години на село, во болница или во приватна пракса, а дури тогаш има право да конкурира за болничка служба. Секое понатамошно напредување во звања подразбира посебен испит, со што стручната спрема на постојаниот болнички лекар „ќе се усоврши до максимум“. Сепак, идните лекари ќе мора да се посветат не само на професијата туку и на проучување на болничката администрација и економија. 

Вест бр. 4
Сојуз на евангелистички пастори во Третиот Рајх 

Неодамна во Витенберг е создадена една организација на евангелистички свештеници која под паролата „црква без црковна политика“ настојува да се стави крај на судирот помеѓу црквата и државата. Се тврди дека во организацијата стапиле над илјада пастори главно од Северна Гермнија. Целта на организацијата е секој евангелистички пастор да биде целосен националсоцијалист. 

РЕКЛАМА ЗА ЛАКСАТИВ
„При затвор, пречки во варењето, да се зема наутро на празен стомак, природна Франц Јозефова вода“

28 февруари 2022 - 09:41