Пред околу еден месец 57-годишниот Патрис Ранер е прогласен за виновен за измама, која во тек на две децении му донела над 175 милиони долари. Шемата се состоела од праќање писма на ранливи групи население, на пример на повозрасни или на луѓе со финансиски проблеми, во кои се тврдело дека извесна видовита Марија Дувал може да им донесе здравје и среќа во замена за пари.
Текстот одел отприлика вака: „Сè што треба за вашиот живот да се промени на подобро е да ја прифатите пријателската рака што ви ја подаваме“. Таа рака најпрвин барала околу 50 долари, но по нивното добивање следеле уште пораки и уште барања.
Писмата биле персонализирани и содржеле детали за оние на кои им биле наменети, наводно купени од трговци со податоци. „Родени сте во знакот на бик...Да се биде роден на 22 мај 1927 во Канзас сити во 12 часот“, велело едно писмо, „веќе открива некои аспекти на вашата личност. Како и сите ние, и вие имате некои маани“. Текстот на пораките бил главно масовно произведуван, за да можат да бидат испраќани десетици илјади писма неделно.
Иако госпоѓата Дувал била реална личност, таа според истрагата не е воопшто инволвирана во измамата, а ниту една од преписките не биле испратени или примени од луѓе што себеси се нарекуваат видовити. Нивниот извор била компанија базирана во Монтреал, Инфогест директ маркетинг. За да се скријат трагите биле користени и други компании низ целиот свет, вклучително Швајцарија, Франција, Холандија, Коста Рика и Шпанија. Се проценува дека во текот на тие дваесет години биле испратени околу 56 милиони писма, на адреси во САД.
Освен што барал пари, веројатно за поголема убедливост, Ранер ги поттикнувал „клиентите“ да испраќаат и прамени коса, фотографии и отисоци од дланки, за видовитата да може да изврши дополнителни персонализирани ритуали и астролошки услуги. Но кога жртвите ќе одговореле, тие биле „спамувани“ со уште 100 писма, кои барале дополнителни плаќања. А ако некој едноставно не одговорел, тогаш следеле заканувачки пораки.
Ранер бил уаспен од шпанските власти на Ибица во 2019, а една година подоцна бил екстрадиран во САД. Уште четворица негови помошници од тогаш се изјасниле за виновни. Неговата приказна можеби наскоро ќе ја гледаме во кино?