Не се животно загрозувачки ситуации. Не се несреќи. Не се трауми. Но те прават да се чувствуваш понизен во свет во којшто предметите понекогаш имаат свој табиет и желби, меѓу кои спаѓа и онаа да те извадат од кожа. Можеби токму тоа, а не некакви апокалиптични сценарија со пожари и поплави е начинот на кој Бог ни соопштува дека сепак постои?
„Разочарувачки“ (Unsatisfying) е насловот на овој прекрасен трибјут на малата дневна фрустрација. Спокојниот, бавен и топол контекст со пастелни бои е во тотална спротивност со она што се случува - лажицата паѓа во врелата супа, стрелката за пикадо за малку не е во центарот. Ништо страшно, но сепак разочарувачки. Видеото е дело на дизајнерското студио Паралел од Париз, кое има отворено конкурс за анимација на истата тема - кои мали нешта ве полудуваат? Повикот е отворен за сите, а единствено ограничување е должината (1-10 секунди анимација“, без аудио, само со „звучен дизајн“).
На 15 ноември Паралел ќе ги постира сите пристигнати трудови. Нема награди, но крајниот резултат ќе биде објавен, за инает на сите оние „Најсреќни/најсмешни/најпријатни“ видеа со кои е полн интернетот. Ако не знаете да анимирате, сигурно имате многу примери со кои можете да си направите видео, барем во главата. Ако не, за тоа сигурно ќе се погрижи реалноста.