Кристофер Даниел Геј имал тешко детство, поминато во сиромаштија со насилен татко. Во еден момент тој и неговиот брат дури сакале да извршат заедничко самоубиство - едниот да пука во другиот, а потоа во себе. Но останале живи бидејќи никој не собрал сила да пука во брата си. Уште од мали се занимавале со ситен криминал, кој постепено почнал да станува голем. Специјалност на Кристофер станале кражбите на возила - речиси и да нема моторно возило коешто тој го нема украдено, од автомобили до булдожери. Ова колку што било потреба (возилата ги препродавал), толку станало и предизвик. Но уште поголем предизвик претставувало бегањето од затвор откако ќе бил фатен.
Наједноставни за „Малиот Худини“, како што почнале да го нарекуваат, биле лисиците, а научил да ги отвора дури и со патент од фармерки. Има бегано низ прозорци, преку ѕидови, под ѕидови, симулирајќи самоубиство. Научил да ги збунува полициските кучиња со тоа што си ја посипувал облеката со бибер или со смрдлива течност од јазовец. Еднаш се скрил во плиток гроб, покрај мртов труп. При сето ова, никогаш не повредил никого, а принцип му бил да не влегува во нечија куќа, дури ни по гаражи.
Едно од неговите легендарни бегства се должело на информација дека мајка му е на умирање од рак. Избегал од затворот, украл трактор и додека зад него имало потера од десетина полицајци успеал некако да стигне до приколката во која живеела мајка му, но наместо да влезе во неа и да го фатат одлучил да избега во блиската шума. Мајка му умрела по дванаесет дена, а нему не му било дозволено да присуствува на погребот.
Уште една голема потера се случила кога тој го украл автобусот за турнеи на кантри пејачката Кристал Гејл (со која Том Вејтс го сними саундтракот што доби Оскар, One from the Heart). Некои велат дека токму со него, а не со тракторот, тој се обидел да стигне до мајка си и дека било коинциденција што таа многу ја сакала пејачката. Како и да е, настанот инспирирал друг „блуграс“ пејач, Тим о’Браен, да сними песна под наслов „Балада за Кристофер Даниел Геј“, а откупени се и правата за филм, базиран врз биографијата на човекот кој последниот пат кога бил фатен, во 2009, ветил дека ќе помине низ програма за рехабилитација и дека до нејзиното завршување нема веќе да бега, а во име на обновување на неговата врска со ќерка си. Колку што знаеме до сега го има одржано зборот.